Египет гради ѕид во близина на Газа

Египетската влада, гради ѕид во близина на границата на земјата со Газа поради стравувањата дека планираната копнена офанзива на израелската војска ќе истурка до 1,4 милиони воени бегалци (колку што во моментов се наоѓаат во пограничниот град Рафа) надвор од палестинската енклава.

Асошиетед прес, Њујорк тајмс и други медиуми објавија за градежните активности во петокот, објавувајќи сателитски фотографии на кои се гледа како се расчистува земјата и се подига ѕид. Египетските власти одбиле да дадат коментар за целта на проектот, но медиумите сугерираат дека тоа би можело да биде „зајакната тампон зона“ за сместување на жителите на Газа кои бегаат од големата израелска воена операција планирана во палестинскиот град.

Градежните работи започнаа претходно овој месец, кога израелските одбранбени сили (ИДФ) започнаа со подготовките за копнен напад врз Рафа, последното засолниште во Газа за цивилите кои бегаат од војната на Израел со Хамас. ИДФ срамни со земја голем дел од енклавата додека трага по борците на Хамас, убивајќи речиси 29.000 луѓе, според проценките на локалните здравствени власти контролирани од Хамас.

Каиро инсистираше Израел да не ги принудува палестинските бегалци на нејзина територија. Сепак, со толку многу цивили набиени во Рафа и Израел кој вети дека ќе го уништи Хамас, египетската страна очигледно се подготвува за можноста за хуманитарна криза што може да го загрози нејзиниот мировен договор со Израел од 1979 година. Рафах веќе беше цел на воздушни напади во последните денови, при што загинаа стотици луѓе.

Њујорк Тајмс, повикувајќи се на неидентификуван изведувач нарачан од египетската војска, објави дека ѕидот од пет метри ќе затвори површина од пет квадратни километри во тампон зона во близина на јужната граница на Газа.

Израелскиот министер за одбрана Јоав Галант во петокот посочи дека ИДФ нема да се обиде да ги натера жителите на Газа да преминат во Египет.
„Го почитуваме и го цениме нашиот мировен договор со Египет, кој е камен-темелник на стабилноста во регионот, како и важен партнер“, додаде тој.

Изјавата на Галант дојде една недела откако израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и нареди на својата војска да направи планови и за евакуација на цивили од Рафа и за уништување на последното упориште на Хамас во Газа. Тој во интервју за Еј-Би-Си Њуз посочи дека областите што ги исчисти ИДФ северно од Рафа може да се користат за засолниште на раселените луѓе.