Вонредната состојба во Египет од 13-ти јануари ќе биде продолжена за уште три месеца со декрет на претседателот Абдел Фатах ал-Сиси, како мерка во борбата против заканата и финансирањето на тероризмот, пренесува во вторникот службената новинска агенција MENA.
Египет прогласи вонредна состојба на територијата на целата земја во април минатата година, по нападите врз христијанските цркви во кои беа убиени најмалку 45 луѓе. Потоа по смртоносните напади од страна на исламистичките бунтовници особено на Синајскиот полуостров и врз безбедносните сили, вонредната состојба беше продолжувана и во јули и во октомври.
Последната одлука за продолжување на вонредната состојба ќе им овозможи на безбедносните сили да „ги преземат (потребните) мерки за да се спротистават на опасностите и финансирањето на тероризмот, како и да ја сочуваат сигурноста во сите делови на земјата“, наведува агенцијата MENA.
Агенцијата Reuters, пак, наведува дека се очекува дека актуелниот претседател, генералот Абдел Фатах ал-Сиси, ќе се кандидира за вториот мандата на претседателските избори кои ќе се одржат подоцна оваа година. Датумот на изборите треба да биде објавен следниот понеделник.