Истакнатиот египетски археолог и поранешен министер за антиквитети Захи Хавас покрена петиција за враќање во Египет на ремек-делото на фараонската уметност, бистата на кралицата Нефертити која моментално е изложена во музејот во Берлин.
Познатата насликана биста, стара околу 3.400 години, била откриена во 1912 година од германската археолошка мисија во Тел ел-Амарна, на чело со германскиот археолог Лудвиг Борхард, на околу 300 километри јужно од Каиро, а следната година била испратена во Берлин. Хавас тврди дека по откривањето, статуата била обложена со глина за да може да се пренесе во Германија без да биде забележана.
Египет упорно бара враќање на статуата уште од 1930 година.
Амарна накратко била престолнина на сопругот на Нефертити, фараонот од 18-та династија Ахенатон, кој владеел до околу 1335 п.н.е. Христос.
Во петицијата започната во саботата, Хавас бара враќање на бистата, велејќи дека таа била незаконски изнесена од Египет откако била откриена. Хавас нагласува дека не повикува на враќање на артефактите што биле легално извадени од Египет.
Неговата кампања е фокусирана на враќањето во татковината на „трите главни вредни предмети“, кои се, покрај бистата на Нефертити, Каменот од Розета, кој овозможи да се дешифрира пишувањето на древниот Египет и Зодијакот од Дендера.
Официјалните претставници на Новиот музеј во Берлин не можеа да се контактираат за коментар.