Египетските Копти го слават Велигден во сабота поради терористичките напади

(© REUTERS/ Mohamed Abd El Ghany)

Египетските христијани Коптите ги одржуваат велигденските литургии во саботата наместо во неделата, а го одбележуваат најголемиот христијански празник само неколку дена по смртоносните напади врз оваа верска заедница.

Христијанските верници во Египет во саботата минуваат низ строгите безбедносни контроли пред црквите, по двојниот самоубиствен бомбашки напад во кој на Цветници беа убиени 45 луѓе во двата главни града северно од престолнината Каиро.

Египетската влада прогласи вонредна состојба во следните три месеца и ја ангажираше војската да ги заштити главните објекти по нападите врз црквите во Танта и во Александрија, за коишто одговорноста ја презема џихадистичката организација Исламска држава.

Портпаролот на коптската црква, Булос Халим, изјави дека навистина безбедносните мерки се засилени во голема мерка. Додаде дека патријархот на египетските Копти – Теодориус (Тавадрос) Втори (со световно име Вагих Субхи Баки Сулејман), ја води Велигденската литургија во каирскиот соборен храм на свети Марко, а оти црковните свечености годинава ќе бидат редуцирани и ќе се одржуваат во сабота наместо во недела.

Коптската православна црква е една од најстарите христијански цркви во светот. Според преданието, таа е основана од страна на Апостол Марко кој се смета за нејзиниот прв патријарх. Во моментов, Коптите се најбројната христијанска конфесија на Блискиот исток, а огромното мнозинство од нив живеат во Египет. Во моментов, според официјалните податоци, бројот на Коптите во Египет изнесува околу 10 милиони. Коптите, пак, тврдат дека во земјата има речиси 17 милиони христијани, или околу 20 отсто од вкупно 85 милионското население Египет.