Египетските безбедносни сили убиле 30 лица за кои се верува дека се исламистички милитанти во копнената и воздушна операција којашто траела на северен Синај во текот на последните четири дена, соопшти во петокот вечерта египетската војска.
Во соопштението се наведува дека во операцијата на Синај се „убиени 30 многу опасни милитанти а уште пет се уапсени“, но не е именувана конкретната милитантна група, ниту е соопштен идентитетот на некои од убиените.
Египет се соочува со исламистичкиот бунт во кој најмилитантна е група поврзана со Исламската држава којашто дејствува на полуостровот Синај, каде што од 2013 година се убиени стотина полицајци и војници.
Претходно месецов Египет беше погоден од еден од најкрвавите напади врз нејзините безбедносни сили последните години. Најмалку 23 војници загинаа а уште 26 беа ранети во два бомбашки напада за кои одговорноста ја презема Исламската држава, при нападите на 7 јули на контролни пунктови јужно од градот Рафа во северниот дел на Синај.
На полуостровот Синај од октомври 2014 година е воведен вонредна состојба, по големиот терористички напад во кој загинаа 33 египетски војници. Одговорноста за повеќето напади ја презема групата Вилает Синај, која се претставува како египетски огранок на Исламската држава.