ЕК ја нотира потребата од зајакнување на довербата во правосудниот систем во Македонија и борбата против криминалот

Во нацрт верзијата што протече во медиумите, ЕК во Извештајот за напредокот на Македонија, освен уставните измени, посочува и дека во земјава треба да се зајакне довербата во правосудниот систем. Ова е една од пораките која Македонија ја добива во нацрт извештајот на ЕК а се однесува на владеењето на правото. Особен акцент во Извештајот е ставен на високо профилираните судски спорови кои според ЕК мораат да имаат епилог.

„Македонија треба да продолжи да ги спроведува реформите поврзани со ЕУ, особено во кластерот за основи, пред се судството, борбата против корупцијата и организираниот криминал. Корупцијата треба да се решава со несмалено темпо, вклучително и преку солидно досие во истрагата, гонењето и конечното осудување на случаи на високо ниво“, се вели во Нацрт Извештајот.

За Комисијата од клучно значење е властите дополнително да го интензивираат темпото на реформите поврзани со ЕУ. За тоа во уште се вели дека Македонија треба да ги преземе неопходните чекори за да напредува во процесот на пристапни преговори и ефикасно да ги спроведе реформите поврзани со ЕУ, особено во областа на владеењето на правото, правдата и борбата против корупцијата.

„По првата меѓувладина конференција за пристапните преговори во јули 2022 година, скрининг сесиите за сите шест кластери на правото на ЕУ беа завршени во декември 2023 година. Комисијата со нетрпение очекува брзо и решително следење на скрининг извештајот за основниот кластер, вклучително и во однос на патоказите на земјата во согласност со рамката за преговори, со цел да се отвори првиот кластер што е можно поскоро и кога ќе се исполнат релевантните услови“, пишува во Нацрт Извештајот на ЕК.