ЕК би можела да бара од Google да го продаде работењето со огласувањата

Европската комисија би можела да побара од американскиот технолошки гигант „Google“ да го продаде својот дел од работењето со технологијата за огласување и рекламирање, изјавил за Reuters упатен извор, сигнализирајќи го обидот за ублажување на пазарната доминација на оваа компанија.

Европската комисија минатата 2022 година започна истрага за застапеноста на „Google“ во речиси сите нивоа од огласувањето на интернет, изразувајќи загриженост поради доминантната позиција на американскиот гигант.

Брисел ретко бара поделба на работењето, но „Google“ не одговорил на приговорите за пазарната конкурентност, што ја продлабочила фрустрацијата, рекол соговорникот на агенцијата, додавајќи дека официјалниот приговор може да биде објавен веќе во среда.

Европската комисија и „Google“ веднаш не одговориле на барањето на Reuters да ја коментираат информацијата од неименуваниот извор.

Платформата за дигитално огласување и рекламирање на „Google“ е прва во светот, со удел од 28 отсто во глобалните приходи, според истражувачката компанија „Insider Intelligence“.

Во првото тримесечје, огласувањето на „Alphabet“, компанијата мајка на „Google“, ѝ донело приход од 54,44 милијарди долари. Вкупниот приход изнесувал 69,79 милијарди долари.

Доминацијата на „Google“ во интернетското рекламирање се најде под лупа изминатите годни и поплакии од конкурентите, што резултираше со регулаторни истраги на повеќе континенти. Така, САД на почетокот од годинава започнаа постапка против „Google“ и побраа продажба на нејзината алатка за огласување, тврдејќи дека незаконски ја злоупотребиле доминацијата во областа на интернетското рекламирање, а од компанијата ги отфрлија обвинувањата