EК ќе побара суспензија на фондовите наменети за Приштина

Генералниот директор на Генералниот директорат на ЕК за соседство и преговори за проширување, Јан Герт Копман, денеска во Брисел изјави дека ќе предложи листа на санкции за властите во Приштина поради непочитување на барањето за деескалација во северно Косово.

Како што јави БЕТА, санкциите вклучуваат стопирање на работата на телата во рамките на Договорот за стабилизација и асоцијација, ќе го прекинеме финансиското планирање за Косово и инвестициските предлози за Западен Балкан, истакна Копман на седницата на Комитетот за надворешна политика на Европскиот парламент (АФЕТ).

Тој додаде дека за Косово ќе биде прекината поддршката преку процесот на јавни набавки и потпишувањето на нови договори, како и посетите на високо ниво.

Косовските власти не одговорија на барањата на претставниците на ЕУ за понатамошни чекори и затоа ЕК ќе воведе привремени санкции, посочи Копман и додаде дека има малку знаци дека ќе дојде до деескалација од страна на Приштина.