Еврокомесарот за социјални прашања Ласло Андор предупреди оти повиците за поостри регулативи за доселениците од ЕУ, го загрозуваат основното право на слободно движење, пренесува Deutsche Welle.
„Ние навистина треба да ги браниме основните права, како што е правото на слободно движење, и не смееме да реагираме со хистерија на доселувањето на луѓето. Европското право содржи бројни заштитни клаузули против злоупотребата. Не сакаме и не ни требаат нови закони за ограничување на слободата на движење”, изјавил Андор.
Сепак тој признал дека одредени општини би можеле да се соочат со проблеми, на пример во областа на образованието, во делот на пазарот на недвижности или при социјалните расходи, но дека нови ограничувања за странските работници не се никакво решение. Андор потсетил дека земјите-членки на ЕУ можат во иднина да користат најмалку 20 проценти од социјалниот фонд тежок милијарди евра наменет за интеграција на мигрантите од ЕУ во градовите и заедниците.
Мартин Ванслебен, главниот извршен директор на Германската индустриска и трговска комора (ДИХК) предупредил на негативните последици од дебатата за доселениците поради сиромаштија од Бугарија и Романија.
„Доселувањето во целина не смее да биде претставено во лошо светло преку подгреаната политичка дискусија”, изјавил тој за весникот „Ноје оснабрикер цајтунг”.
Ванслебен оценил дека на Германија во следниве години и се потребни 1,5 милиони доселеници, кои се квалификувана работна сила, за „да се осигура растот и да се стабилизираат социјалните системи”.