![епл](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2024/03/epl.jpg?resize=300%2C168&ssl=1)
Европската комисија ѝ изрече казна на компанијата „Епл“ од над 1,8 милијарди евра за злоупотреба на доминантната позиција на пазарот за дистрибуција на апликации за стримање музика за корисниците на „Ајфон“ и „Ајпад“ преку нејзината апликација „Еп Стор“.
Како што информира извршната потпретседателка на ЕК задолжена за конкуренција Маргрете Вестагер, „Епл“ една деценија ја злоупотребувала својата доминантна позиција на пазарот за дистрибуција на апликации за стримање музика преку „Еп Стор“.
– Тоа го прави со ограничување на програмерите да ги информираат потрошувачите за алтернативни поевтини музички услуги достапни надвор од системот на „Епл“. Ова е нелегално според антимонополските правила на ЕУ и затоа денеска го казнивме „Епл“ со над 1,8 милијарди евра, информира Вестагер на прес-конференција.
Еврокомисијата утврдила дека „Епл“ применува ограничувања со што ги спречува развивачите на апликации да ги информираат корисниците за алтернативни и поевтини услуги за претплата за музика, покрај оние што се нудат на нејзината апликација „Еп Стор“.
„Епл“ моментно како единствениот снабдувач на „Еп Стор“ ги поставува условите што програмерите треба да ги почитуваат за да бидат присутни на платформата и да можат да бидат во контакт со корисниците на „Ајфон“ и „Ајпад“ на подрачјето на европската економска област.
Истрагата на ЕК утврдила дека со ваквата практика „Епл“ го прекршува членот 102а од Договорот за функционирање на Европската Унија.
Комисијата заклучи дека вкупниот износ на казната од над 1,8 милијарди евра е пропорционален на глобалните приходи на „Епл“ и е неопходен за да ја одврати компанијата од повторување на прекршокот.