ЕК одмрзна 10,2 милијарди евра за Унгарија

Европската комисија (ЕК) во средата одмрзна 10,2 милијарди евра од кохезионите фондови на Унгарија, откако оцени дека Будимпешта презела мерки за решавање на прашањето за независноста на судството.

„По темелна анализа, Комисијата смета дека Унгарија ги презела мерките на кои се обврза во однос на независноста на судството. Тоа значи дека финансирањето во областа на кохезионата политика повеќе не е блокирано и затоа Унгарија би можела да почне да бара исплата од околу 10,2 милијарди евра“, соопшти извршното тело на Европската унија.

Но и натаму остануаат замрзнати 6,3 милијарди евра од кохезиониот фонд поради оценките на Брисел за навосно прекршување на начелата владеењето на правото во областа на јавните набавки, обвинителството, судирот на интереси, борбата против корупцијата и фондациите од јавен интерес.

Средствата од Механизмот за опоравување и отпорност од околу 10,4 милијарди евра, исто така, остануваат недостапни за Унгарија, од кои дел се бесповратни средства грантови, а дел поволни заеми. Овие средства се исплаќаат етапно како се исполнуваат реформите наведени во националните планови за закрепнување и опорност.

Одлуката на ЕУ доаѓа во време кога унгарскиот премиер Виктор Орбан повторно порача дека ќе стави вето на клучните одлуки на Европскиот совет за отворање на пристапните преговори со Украина, со којашто Будимпешта има повеќегодишни несогласувања поради непочитувањето на правата на унгарското малцинство во соседната земја, како и за ревизијата на седумгодишниот буџет.