Еврокомесарот за внатрешни работи и миграцијата Магнус Брунер работи на подготовка на нова директива за враќање на мигрантите и на нова стратегија за визите, потврди денеска портпаролот на Европската комисија за внатрешни работи, демократија, правда и владеење на правото Маркус Ламерт.
-Што се однесува до нивната содржината, останува да се почека, изјави Ламерт.
Во тој контекст, заменикот главен портпарол на Еврокомисијата, Стефан де Керсмакер, објасни дека принцип на ЕК е да не соопштува детали за некои предлози, се додека тие не бидат официјално објавени.
Еврокомесарот Брунер вчера на неформалното заседание на Советот за правда и внатрешни работи во Варшава најави дека Европската комисија ќе претстави предлози за нова директива за враќање на мигрантите во трети земји кон средината на март, како и за нова стратегија за визите до крајот на годината.
Според Брунер, новата директива за враќање ќе овозможи подобра координација меѓу земјите членки на ЕУ при депортирањето на мигранти чии барања за азил се одбиени.