ЕК покренува постапка против Унгарија поради законот за одбрана на националниот суверенитет

Во средата Европската комисија покрена постапка против Унгарија со испраќање опомена поради законот за одбрана на националниот суверенитет, тврдејќи дека тоа е спротивно на европското право.

Во декември минатата година Унгарија донесе закон за одбрана на националниот суверенитет, кој предвидува формирање Канцеларија за одбрана на суверенитетот, чија задача е да истражува активности кои се извршени во интерес на друга држава или странско тело, организација или физичко лице, доколку постои веројатност дека ќе го нарушат или загрозат суверенитетот на Унгарија, потоа организации чиишто активности користејќи странски фондови може да влијаат врз исходот од изборите или врз волјата на гласачите.

Тој закон содржи одредби и амандмани на постојните унгарски закони кои им забрануваат на кандидатите, политичките партии и здруженијата кои учествуваат на изборите да користат странско финансирање за да влијаат или да се обидат да влијаат врз волјата на гласачите за предметните избори и да го криминализираат користењето странско финансирање во контекст на избори.

Европската комисија смета дека со овој закон се прекршуваат повеќе одредби од примарното и секундарното право на ЕУ, демократските вредности на Унијата, принципот на демократија и изборните права на граѓаните на ЕУ, неколку основни права содржани во Повелбата за основни права на ЕУ, како што се како правото на почитување на приватниот и семејниот живот, правото на заштита на личните податоци, слободата на изразување и информирање, слободата на здружување, изборните права на граѓаните на ЕУ, правото на ефективен правен лек и правично судење.

Унгарија сега има два месеца да ѝ одговори на Комисијата. Доколку не ги реши приговорите што ги наведува Комисијата, ќе добие образложено мислење, втор чекор во постапката за прекршување на правото на ЕУ. Доколку нема соодветен одговор на образложеното мислење, Комисијата може да поднесе тужба пред Судот на правдата на ЕУ.