ЕК предлага отворање постака за прекумерен дефицит за седум земји-членки

Европската комисија му предложи на Советот на Европската унија да отвори процедура за прекумерен буџетски дефицит за седум земји-членки, откако стапија на сила новите фискални правила.

Во својот извештај во јуни, Комисијата утврдила дека отворањето на процедурата за прекумерен буџетски дефицит е оправдано за седум земји-членки: Белгија, Франција, Италија, Унгарија, Полска и Словачка.

Следствено, Комисијата му предлага на Советот да утврди постоење прекумерен дефицит во овие земји и, по предлог на Европската комисија, да усвои препораки за патот на прилагодување и рокот за излез од состојбата на прекумерен дефицит во рамките на есенскиот пакет на Европскиот семестар.

Според фискалните правила на Пактот за стабилност и раст, чија цел е координација на фискалните политики на земјите-членки на ЕУ, буџетскиот дефицит не смее да надмине 3 отсто од бруто домишниот производ (БДП), а јавниот долг не смее да надмине 60 отсто од БДП-то.

Тие правила беа суспендирани во 2020 година за да им се овозможи на земјите-членки да трошат колку што е потребно за да ги ублажат ефектите од пандемската криза и последователната руска инвазија во Украина.

Во меѓувреме се реформираа претходните фискални правила и од почетокот на оваа година повторно е во сила реформираниот Пакт за стабилност и раст. Новиот пакт за стабилност и раст е нешто пофлексибилен и помалку изискува со цел да се избегне пребрзото намалување на дефицитот и јавниот долг да не го загрози економскиот раст.

Според новите правила, земјите-членки со голем јавен долг над 90 отсто од нивниот БДП ќе мора да го намалуваат долгот за еден процентен поен годишно, а оние со умерен долг меѓу 60 и 90 отсто од БДП за 0,5 процентни поени. Претходните правила предвидуваа сите земји-членки со долг над 60 проценти да го намалуваат тој долг за пет проценти годишно од износот што го надминува соодносот од 60 проценти во БДП.

Сите земји членки ќе подготват среднорочни планови во кои ќе ги наведат целните расходи и кои инвестиции и реформи ќе ги преземат.

Државите со високи дефицити и јавен долг ќе добијат насоки од Комисијата пред да ги подготват своите планови, кои треба да им помогнат одржливо да го намалат долгот.

Земјите со дефицит над 3 проценти од БДП ќе треба да го намалат во период на економски раст за да го доведат дефицитот на ниво од 1,5 проценти од БДП за да се создаде резерва за периодот кога економијата не расте или е во пад.