ЕК предлага правила за подолготрајни и енергетски поефикасни мобилни телефони и таблети

Во петокот Европската комисија предложи нови правила според кои мобилните телефони и таблетите што се продаваат на пазарот на Европската унија ќе треба да вклучуваат информации за нивната енергетска ефикасност, траење на батеријата, заштита од прашина и вода и отпорност од случајни падови.

„Прво и основно – вашиот телефон треба да трае повеќе од две или три години. И доколку во меѓувреме се оштети, би требало лесно да се поправи“, рече извршниот потпретседател на Комисијата, Франс Тимерманс.

Тимерманс истакна дека паметните телефони премногу често ја губат својата функционалност поради трошење на батеријата или софтверски ажурирања што ги прават постарите модели застарени.

„Овие предлози го продолжуваат животниот век на вашиот телефон и го олеснуваат правењето одржлив избор“, додаде Тимерманс.

Овој предлог првпат воведува оцена за поправливост на производот за да им се помогне на потрошувачите да донесат поинформирани и поодржливи одлуки при купувањето.

Комисијата наведува дека мобилните телефони и таблетите произведени според овие правила ќе заштедат речиси 14 терават часови примарна енергија секоја година до 2030 година. Ова е една третина од денешната потрошувачка на примарна енергија на овие производи. Новите правила, исто така, ќе помогнат да се оптимизира употребата на критичните суровини и да се олесни нивното рециклирање.

Според новите правила, мобилните телефони и таблетите ќе ги имаат добро познатите букви од А до Г за енергетската ефикасност.

Овие нови правила се делегиран акт за спроведување на неодамна одобрената Регулатива за екодизајн. Делегираниот акт пропишува минимални барања за мобилните и безжични телефони и таблетите пласирани на пазарот на ЕУ. Според предлогот, производите ќе треба да ги исполнуваат следните минимални барања: отпорност на случајни падови или гребаници; заштита од прашина и вода и употреба на доволно издржливи батерии.

Батериите треба да издржат најмалку 800 циклуси на полнење и празнење додека, задржувајќи најмалку 80 отсто од нивниот почетен капацитет.

Предлогот содржи и правила за расклопување и поправка, вклучувајќи ги и обврските на производителите да ги направат достапни критичните резервни делови на сервисерите во рок од 5 до 10 работни дена и до 7 години по завршувањето на продажбата на моделот на производот на пазарот на ЕУ.

Производителите мора да обезбедат достапност на надградби на оперативниот систем на подолги периоди: најмалку 5 години откако производот ќе се пласира на пазарот.

Бидејќи се работи за делегирана регулатива, сега козаконодавците – Советот на ЕУ и Европскиот парламент имаат рок од два месеца за евентуални приговори на предложениот текст. Доколку нема приговори, текстот се смета за формално усвоен.

Откако денеска стапија на сила одобрените Правилници за екодизајн и актот за спроведување со новите правила за мобилни телефони и таблети, се предвидува преоден рок од 21 месец пред да стапат во сила двата закона.