Во петокот Европската комисија предложи зголемување на царините за увоз во Европската унија на житарки, маслодајни семиња и нивни производи од Русија и Белорусија со цел да се спречи дестабилизација на пазарот со пренасочување на овие производи во Европа.
„Предлагаме да се воведат царини на рускиот увоз за да се ублажи растечкиот ризик за нашите пазари и нашите земјоделци и да се намали способноста на Русија да ја искористи ЕУ за својата воена машинерија“, рече претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
Европските земјоделци протестираат со месеци, а како една од причините за своето незадоволство го наведуваат и тоа што европскиот пазар е преплавен со украински житарки по дампиншки цени поради олеснивањата на ЕУ, додека улогата на Русија европските земјоделци не ја споменуваат.
„Досега, руските и белоруските житарки и житни производи можеа да влезат на пазарот на ЕУ со ниски или без царини и видовме дека овој увоз значително се зголеми во 2023 година. Нашите предложени тарифи за увоз ќе го направат увозот на овие производи комерцијално неостварлив“, тврди извршниот потпретседател на Комисијата, Марош Шефчовиќ.
Со зголемување на царините, Комисијата сака да постигне неколку цели: „да спречи дестабилизација на пазарот на ЕУ, имајќи предвид дека Русија, како водечки извозник на житарки, знае како да ја користи храната како геополитичка алатка, потоа да го спречи житото произведено на територијата на Украина, кое нелегално се увезува во ЕУ како руско, да стигне до европскиот пазар, а потоа да спречи искористување на приходите од извозот на житарките за финансирање на агресивна војна против Украина“.
Минатата година Русија извезла овие производи во ЕУ во вредност од 1,3 милијарди евра, а Комисијата наведува дека со зголемувањето на царините ќе се прекине важен извор на приход за руската економија и руската воена машина.
Комисијата наведува дека нема да биде засегнат извозот на руско и белоруско жито во трети земји преку територијата на ЕУ.
Русија ја обвинува ЕУ дека со санкции против неа ја загрозува безбедноста на храната за земјите во развој.
„Ова покажува дека Европската унија останува посветена на промовирање на глобалната безбедност на храната, особено кога станува збор за земјите во развој“, наведува Комисијата.