Во петокот Европската комисија ги известила земјите-членки за напредокот на Украина и Молдавија и препорачала отворање на пристапните преговори со двете земји, што било добро прифатено од сите освен од Унгарија.
„Можеме да потврдиме дека Комисијата вербално ги информираше земјите-членки на состанокот на Корепер (Комитет на постојаните претставници) дека двете земји ги презедоа сите неопходни чекори“, рече портпаролката за проширување на ЕК, Ана Писонеро.
За да бидат отворени пристапните преговори, земјите-членки мора едногласно да ги усвојат преговарачките рамки за двете земји.
Белгиското претседателство сака да ги отвори преговорите до крајот на својот мандат и има цел тоа да се случи на 25 јуни на маргините на состанокот на Советот за општи работи во Луксембург.
Медиумите, повикувајќи се на дипломатски извори, пишуваат дека предлогот на Комисијата бил „добро прифатен“ на состанокот на Корепер, тело составено од амбасадори од земјите-членки, освен Унгарија, која сѐ уште има голем број забелешки.
Истите извори рекле дека дел од земјите-членки кои ги поддржуваат Украина и Молдавија се обидуваат да ја поврзат со земјите од Западен Балкан за да им испратат позитивни сигнали или некои конкретни чекори за приближување кон ЕУ.
Корепер повторно ќе разговара за тоа во среда на 12 јуни, а доколку е потребно ќе се врати на темата една недела подоцна, на 19 јуни.
Портпаролката Писонеро рече дека и Украина и Молдавија ги презеле неопходните чекори што се бараат од нив за да ги исполнат условите за свикување на првата меѓувладина конференција за пристапување и официјално отворање на преговорите. Меѓу другото, таа рече дека во декември минатата година украинскиот парламент ги изменил законите кои се однесуваат на припадниците на националните малцинства, особено во однос на образованието на нивниот јазик.
Унгарија, која ги наведува правата на своето малцинство во Украина како една од причините за своето противење, бара повеќе промени во однос на правата на малцинствата и некои гаранции поврзани со земјоделството.
Унгарија, којашто е членка и на ЕУ и на НАТО, одби да испорача каква и да е воена опрема на соседна Украина во војната со Русија. Унгарија ја осуди руската инвазија, но исто така и повеќепати ги критикуваше санкциите на ЕУ против Русија, кои мора едногласно да ги одобрат сите 27 земји членки, но на крајот откако ќе издејствуваше одредени погодности за себе на крајот ги поддржуваше сите досега договорени мерки.
Односите меѓу Будимпешта и Киев се влошени повеќе од деценија наназад, но вербалните препукувања добија на острина особено по ставовите на Унгарија по руската инвазија од крајот на ланскиот февруари.
Унгарските функционери уште многу пред руската инвазија во Украина, поради нерешени прашања порачуваа дека ќе поставуваат услови на евратлантските амбиции на Киев. Односите меѓу Унгарија и Украина се влошени откако по превратот во 2014 година во Киев беа укинати правата, вклучително и за користење на јазикот како службен во западниот украински регион Закарпатие каде што живеат околу 150.000 етнички Унгарци. Киев особено ја разгневи Будимпешта кога во 2017 година го воведе законот со кој во училиштата се забранува користењето на јазиците на малцинствата, вклучително и унгарскиот. Во сегашната војна, исто така, Будимпешта протестира за насилно регутирање на нејзините сонародници во украинските сили и испраќање на најжештите точки на фронтот.