ЕК „силно“ ги осудува „варварските“ руски напади врз Украина

Европската комисија во понеделникот силно ги осуди руските ракетирања врз украинските градови чија цел е цивилната инфраструктура, истакнувајќи дека за „воените злосторства одговорните ќе мора да ги положат сметките“, откако ниту еднаш не се огласи изминатите осум години за украинските ракетирања врз цивилните населби во одметнатите проруски региони на југоистокот на земјата.

„Нападите кои Русија ги изведе во понеделникот врз цивили во Украина претставуваат воени злосторства за кои одговорните ќе мора да ги платат сметките. Тоа се варварски и кукавички напади, спротивни на меѓународното хуманитарно право“, изјави портпаролот на ЕК, Петер Стано, на редовниот брифинг за новинарите.

Стано рече и дека е „неприфатливо користењето на воздушниот простор на Молдавија“ за напади врз Украина.

Молдавскиот министер за надворешни работи Нику Попеску тврдеше претходни во понеделникот дека наводно руски крстосувачки ракети насочени врз Украина минале низ молдавскиот воздушен простор и оти поради тоа бил повикан рускиот амбасадор во Молдавија за да даде појаснување.

Малку претходно на Twitter по истиот повод се огласи и високиот претставник за заедничка надворешна и безбедносна политика на Европската унија, Жозеп Борељ.

„На ваквите постапки не им е местото во 21-от век. Најостро ги осудувам. Стоиме крај Украина. Дополнителната воена помош од ЕУ е на пат“, порача Борељ без да изнесе конкретни податоци во што се состои помошта на Брисел за Киев.

Украинската војска објави дека Русија во понеделникот истрелала 75 проектили врз Украина, од кои над 40 наводно биле соборени. Претседателот Владимир Зеленски изјави дека главна цел на руските напади била енергетската инфраструктура на земјата.

Надвладува оцената дека станува збор за одмазда за саботниот напад врз Керченскиот мост кој го поврзува црноморскиот полуостров Крим со руското копно, што во Москва го оценија за класичен случај на државен тероризам зад кој стои власта во Киев.