Европската комисија преговара со сигурни добавувачи на гасот за намалување на цените на гасот кои се испорачува преку гасоводите, а доколку тоа не даде резултат тогаш е можно ограничување на енергенсот, изјави еврокомесарката за енергија Кадри Симсон.
„Преговараме со нашите сигурни добавувачи преку гасоводите. Доколку тоа не даде резултат, тогаш можно ограничување на цените“, изјави еврокомесарката Симсон без да ги наведе споменатите добавувачи.
Нејзината изјава е дадена пред во петокот во Брисел да се соберат на вонреден состанок на министрите за енергетика на земјите членки на Европската унија. Се очекува дека министрите ќе постигнат согласност за предлогот за намалување на потрошувачката на електрична енергија за да ги намалат цените на струката за потрошувачите и мерки за распределба на вишокот од приходите во енергетскиот сектор во полза на крајните купувачи.
Европската комисија предлага обврска намалување потрошувачка на електрична енергија за најмалку 5 отсто во текот на избрани часови во време на главното оптоварување на мрежите. Државите членки ќе мора да утврдат 10 отсто од часовите со највисоката очекувана цена и да ја намалат побарувачката во текот на тие ударни часови на потрошувачката.
Како втора мерка ЕК предложи одредување на горната граница на приходите за „инфрамариналните“ произведувачи на електричната енергија, односно електроцентралите со пониски трошоци кои не го користат гасот за производство на струја туку обновливи извори на енергија, нуклеарна енергија или лигнит.
Како трета мерка ЕК предлага привремен солидарен придонес за вишокот на добивката остварена во дејностите во секторите нафта, гас, јаглен и рафинерија, кои не се опфатени за „инфрамаргиналната“ горна граница на приходите.
Група држави членки на ЕУ побараа од Комисијата на претстојниот вонреден состанок на министрите за енергетика да подготви предлог за поставување на горната граница на големопродажната цена на гасот. Писмото со таквото барање досега го потпишаа 15 земји членки, кои би можеле да обезбедат квалификувано мнозинство и да го усвојат предлогот. Но, за предлогот да дојде на дневен ред на Советот на ЕУ мора да го предложи ЕК, што во овој случај изостана.
Европската комисија наместо тоа подготви документ кој ќе послужи како основа за расправата на министерскиот состанок во петок во Брисел. Во тој документ се вели дека се „занемарливи“ можностите на Русија да ја пренасочи продажбата на својот гас кон друго пазари во светот, доколку се реши на тоа како одмазда за воведувањето ограничена цена за рускиот гас од страна на ЕУ.
„Во случај целосен прекин на испораките на рускиот гас, ЕУ како целина би можела да се носи во текот на зимата со просечна температура благодарејќи на складираните резерви и со планот за намалување на потрошувачката кој е усвоен во јули“, се наведува во документот.
За оние држави членки кои моментално се зависни од рускиот гас, треба да се најде решение за целосна солидарност од другите членки, се додава во тој документ. Еврокомесарката Симсон вели дека Русија не е сигурен партнер, туку причина за проблемот.
„Цврсто верувам дека е потребно ограничување на цената на рускиот гас на нивото на коешто и натаму би била привлечна за нив да продолжат да го извезуваат во Европа“, вели Симсон.
Иако не ја коментираше можната реакција на Москва на ваквиот обид сличен на мерката предложена од групата земји од Г7 за ограничување на плафонот на цената на руската нафта, еврокомесарката вели дека е подготвена да предложи ограничување на цената на гасот кој е наменет за производство на електрична енергија.
„Ограничувањето мора да биде на такво ниво да не доведе до зголемување на потрошувачката на гасот. Бидејќи, доколку се троши и купува повеќе гас на стеснетиот глобален пазар, тоа ќе поттикне натамошен раст на цените“, вели Симсон.