ЕК за најавата на Мишел за проширувањето до 2030-та: Насочени сме на рефорни, не на датуми

(Photo by Leon Neal/Getty Images)

Процесот на проширување на Европската унија се темели на исполнување на критериумите неопходни за членството, па Европската комисија не е насочена на датум, туку на поддршка на државите кандидатки за спроведување на реформите, изјави во вторникот портпаролката на ЕК, Дана Спинант.

„Секогаш зборувавме дека проширувањето е процес кој се заснова на заслуги, што значи дека земјите кандидатки треба да ѝ се приклучат на ЕУ кога ќе бидат подготвени за тоа“, изјави Спинант одговарајќи на новинарско прашање да ја коментира изјавата на претседателот на Европскиот совет.

Имено, Шарл Мишел во понделникот на Бледскиот стратешки форум ја спомена годината 2030-та како временска рамка кога би можело да дојде до натамошно проширување на Европската унија.

„За да бидеме веродостојни, верувам дека мораме да разговараме за календарот и домашната задача. Имам предлог. Додека ја подготвуваме следната стратешка програма на ЕУ, мораме да си поставиме јасна цел. Верувам дека мораме да бидеме подготвени, од двете страни, за проширување до 2030 година“, рече Мишел.

Во Европската комисија, пак, велат дека не целат на никакви датуми.

„Не сме фокусирани на датум. Сосредоточени сме на блиска соработка со земјите кандидатки за да бидат подготвени за придружување на ЕУ. Сосредоточени сме на тоа да им пружиме поддршка во реформите, сосредоточени сме на вложувања коишто им помагаат да ги трансформираат своите економии и да им се приближат на регулаторните барања кои е важно да бидат исполнети пред влегувањето во ЕУ“, рече Дана Спинант.

На прашањето дали верува дека ЕУ може да ги спроведе потребните внатрешни реформи за да може да прима нови членки, како што напомна францускиот претседател Емануел Макрон, портпаролката на ЕК рече дека не е до неа да одговара на такви прашања и дека со тоа ќе се занимаваат челниците на државите членки на Унијата на својот неформален состанок на врвот во шпанска Гранада.

Европската комисија во октомври ќе го објави својот редовен пакет за проширувањето на Европската унија со извештаите за напредокот на државите кандидатки. Тие извештаи ќе бидат основи за дискусија и одлуки за следните чекори во проширувањето кои се очекуваат на самитот во декември.

Од декемврискиот самит големи очекувања имаат некои земји кандидатки, во прв ред Украина, која се надева на одлука за отворање на пристапните преговори, како и Босна и Херцеговина којашто има исти очекувања.