Според сценариото, од надојдената река паднал и се оштетил високонапонски столб, поплавена е дистрибутивна трансформаторска станица, а населението е останато без електрична енергија.
За брзо санирање на дефектот, екипите на ЕВН подигнуват брзомонтажен високонапонски столб, а за времено напојување поставуваат агрегат од 150kVA. При справувањето со кризната состојба екипите на располагање користат и моторна санка. Вежбата завршува со целосна монтажа на нова, мобилна дистрибутивна трансформаторска станица и повторно нормално воспоставување на напојување со електрична енергија.
На вежбата учествуваа припадници на армијата, МВР, противпожарната единица, центарот за управување со кризи и на други институции и јавни претпријатија, а ЕВН е единствената приватна компанија која за првпат е поканета да биде дел од ваква вежба.
ЕВН учествуваше со вкупно 7 тимови електромонтери од одделот Висок напон, КЕЦ Ѓорче Петров, КЕЦ Васил Главинов и КЕЦ Штип.
Дел од опремата на ЕВН која беше и користена во оваа вежба беше изложена вчера на плоштадот во Штип.