Невладината организација „Еко-Свест“ реагира дека Град Скопје зелениот акциски план за градот го носи нетранспарентно, односно без учество на граѓанските организации за заштита на животната средина. Здружението објави дека иако повеќе граѓански организации побарале да учествуваат, не биле поканети на ниту една од работилниците за планот. Ви ја пренесуваме објавата на „Еко-Свест“ во целост.
Зелениот акциски план за градот Скопје кој во моментов е во фаза на изработка се работи зад затворени врати. Граѓанските организации активни во секторот животна средина, иако официјално побараа, не беа поканети на ниту една од работилниците. Носење на план од значење за квалитетот на живот на жителите на главниот град на нетранспарентен начин може повторно да значи погрешно потрошени пари без никакво подобрување.
Оваа година градот Скопје стана еден од 29 градови во светот кои добиваат поддршка од Европската банка за обнова и развој да изработат Зелен акциски план (Green City Action Plan) со цел да започнат со решавање на најитните еколошки проблеми. Овие зелени акциски планови би требало да се носат на транспарентен начин со учество на граѓанските организации и граѓаните уште од фазата на идентификација на проблемите, меѓутоа сите презентации и работилници кои досега се одржаа како дел од овој процес во Скопје беа само со покани, а граѓанските организации и граѓаните не беа поканети.
Во април годинава Еко-свест испрати барање за учество во процесот заедно со список на граѓански организации кои би можеле да придонесат во лоцирање на проблемите и изработката на зелениот акциски план, но никој не беше поканет на презентациите и работилниците.
„Изработка на акциски план кој би требало да даде насока за справување со најгорливите еколошки проблеми на градот во наредните 15-20 години, без да ги прашате жителите врз кои истиот ќе има најмногу влијание и има моќ да им го промени животот на подобро или полошо е апсурдно и се коси со сите начела на едно современо демократско општество.“- вели Давор Пехчевски од Еко-свест.
Градот Скопје последниве 15 години е жртва на лоши и нетранспарентни политики на властите. Несоодветен и неплански урбанизам, проширување на улици на сметка на загрозување на безбедноста на велосипедисти и пешаци, речиси непостоечки систем за управување со отпадот и уништување на голем дел од зелените површини го сместија главниот град на врвот на листата на градови во светот со високо аерозагадување.
Станува збор за одлуки за квалитетот на живот на жителите на градот Скопје, нивното здравје и безбедноста на нивните домови и затоа се надеваме дека зелениот акциски план ќе се изработува на најтранспарентен начин и со вклученост на граѓанските организации и граѓаните на овој град. Во спротивно ќе сметаме дека властите не се грижат за здравјето на своите граѓани и повторно се обидуваат да заработат на сметка на нашето здравје.