Расчистување на дивите депонии, регулирањето на отпадот и регулација на природните водотеци се најголемите предизвици за четирите општини од струмичкиот регион од кои екологистите бараат решенија за овие проблеми.
Тоа беше истакнато на настанот кој го организираше Еколошкото друштво „Планетум“ од Струмица, на кој покрај градоначалниците на општините Струмица, Василево, Босилово и Ново Село, присуствуваше и амбасадорот на Холандија во нашата земја, Дирк Јан Коп, претставници на комунални и водостопански претпријатија.
Преку презентација на венецуелскиот документарен филм „Некогаш во Венецуела“ беше поведена расправа за најгорливите еколошки проблеми во регионот.
Според Александар Лазаров од Ед „Планетум“ најголеми проблеми во регионот се дивите депонии, отпадот и регулација на водотеците.
– Деновиве бевме сведоци на поплави во регионот кои се предизвикани од зголемената сеча на шумите и тоа легална и нелегална. Со решавање на овој проблем може да се придонесе луѓето да добијат чиста вода за пиење, да можат да имаат регулирано собирање на отпадот, од кое може и да има корист. Искуството од Венецуела покажува дека со заедничко делување се решаваат многу такви проблеми и тоа не само таму, туку и на други места, па и кај нас, рече Лазаров.
Холандскиот амбасадор Коп смета дека е важно е да се споделуваат позитивните искуства од други земји. Тој имаше средба и со четворицата градоначалници од регионот.
– Со нив дискутиравме за локалните предизвици, за енергетската состојба, миграцијата и за проблемите на животната средина, водата и инвестиции во земјоделството, рече холандскиот амбасадор Дирк Јан Коп.
Во дискусијата која течеше по презентацијата на филмот беа нотирани повеќе проблеми од областа на заштитата и унапредувањето на животната средина, а предлозите и заклучоците ќе бидат преточени во барања до локалните самоуправи и ќе се бара нивно решавање.