Еколошки активисти испрскаа со боја државни објекти и медиумска куќа во Лондон

Членови на еколошката група „Just stop oil“ што се бори за забрана на користењето фосилни горива денеска испрскаа портокалова боја врз фасадите на зградите на британското Министерство за внатрешни работи, на Разузнавачката служба (МИ5), Банката на Англија и на лондоската филијала на американската медиумска групација „News Corp“.

„Тие објекти се избрани затоа што претставуваат столбови што ја поддржуваат економијата на фосилните горива – владата, безбедноста, финансиите и медиумите“, беше соопштено од еколошкото движење.

Неименуван претставник на групата истакна дека ерата на фосилните горива треба да заврши, со забелешка дека „злобните интереси за фосилни горива продолжуваат да ја корумпираат нашата политика, владата и медиумите како што тоа го правеа со децении“.

Лондонската полиција соопшти дека уапсила осум лица.

Меѓу целите на нападите со боја е и лондонската филијала на „News Corp“, американската медиумска групација на австралискиот тајкун Руперт Мардок, во чие сопствеништво се и британските „Тајмс“ и таблоидот „Сан“.

Членовите на групата изминатите недели спроведоа неколку акции во Велика Британија. Тие со торта го измачкаа лицето на восочната фигура на кралот Чарлс Трети во музејот на „Мадам Тисо“, додека во Националната галерија прскаа со доматен сос врз познатата слика „Сончогледи“ на холандскиот сликар Винсент ван Гог.