-Економијата е во фокусот на Владата и во изминатите 6 месеци се посветува внимание да се направат промени што ќе донесат предвидливост за инвеститорите и подобри услови за инвестирање.
Ова го порача министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска која беше воведен говорник на Форумот на „Инвисо“, познат како Еуромани, кој се одржува во Виена.
Воведни обраќања имаа и првиот потпретседател на ЕБОР, Јирген Ригтеринк, гувернерот на Централната банка на Австрија и член на УО на Европската централна банка, Роберт Холцман, заменик-министерот за финансии на Грузија Екатерина Гунтсатце и заменик-претседател за регионот во Меѓународната финансиска корпорација при Светската банка, Алфонсо Гарсија Мора.
-Фокусирани сме на економијата, на она што треба да промениме и е важно за инвеститорите. Во изминатите 7 години се направени многу промени во даночната политика и затоа велиме дека треба да имаме предвидлива даночна политика, данок со рамни стапки и дека како и во преходниот период и во следните 4 години ќе биде стабилно и нема да правиме промени. Тоа е важно за компаниите да можат да ги прават своите планови, рече министерката.
Таа додаде дека друг значаен аспект е инфраструктурата и дека целта е да се покажат резултати на дело.
„Успеавмe да завршиме сериозен експресен пат кој го поврзува Скопје со Софија. Исто така, фокусирани сме на финализирање на патната делница во западниот дел од државата од Кичево до Охрид, на кој се работи повеќе од 10 години и очекуваме во следните 2 години да биде завршен. За инвеститорите ова е многу важно особено затоа што во регионот на Охрид има многу странски инвестиции“, истакна Димитриеска-Кочоска.
Потенцира дека се преземаат сериозни активности и во борбата со криминалот и корупцијата, активности на полето на фискална консолидација и намалување на буџетскиот дефицит, како и други реформи кои се важни за инвеститорите.
Во обраќањето се осврна и на спроведување на реформите поврзани со евроинтеграцијата на нашата земја при што истакна дека се следи Реформската агенда и дека ќе бидат завршени преземените обврски во врска со неа.
На маргините на форумот, министерката ќе оствари повеќе средби со инвеститори и претставници на меѓународни финансиски институции.
Форумот е годишен настан кој на едно место спојува професионалци од различни сегменти на финансискиот и банкарскиот сектор и дава можност за информирање за најновите случувања во финснсискиот свет и отворење дискусија за трендовите и иднината на финансиските пазари.