Деловната активност во еврозоната се стабилизираше во март благодарение на закрепнувањето во услужниот сектор што го неутрализираше остриот пад во индустријата, објави во четвртокот S&P Global.
Индексот на менаџерите за набавка (PMI) во приватниот сектор во еврозоната пораснал во март за 0,7 поени во однос на февруари, на 49,9 поени, објави Хамбуршката комерцијална банка (HCOB), која ги составува извештаите за S&P Global.
Вредноста од 50 поени сигнализира стагнација на активноста, оние повисоките – нивниот раст, а пониските на нивниот пад.
Активноста е намалена и во март, десетти месец по ред, но маргинално, забележува хамбуршката банка, додавајќи дека податоците сигнализираат стабилизација.
Силното закрепнување во услужниот сектор, со зајакнување на побарувачката првпат по речиси една година, неутрализираше подлабок пад во индустријата.
„Ако се надевавте на закрепнување во производствениот сектор во првиот квартал, време е да се помирите со реалноста“, рече главниот економист на HCOB, Сајрус де ла Рубија.
Јазот меѓу индустријата и услужниот сектор се отсликува и од двете водечки економии во еврозоната, Германија и Франција, откри HCOB.
Падот на активноста во Германија беше нешто поблаг во март отколку во февруари благодарение на стабилизацијата во услужниот сектор. Во Франција, пак, беше поизразено, со послаба побарувачка за стоки и услуги и намалена вработеност.
Индексите на деловните трошоци и продажните цени се само малку пониски отколку во февруари, но деловните лидери повторно покажаа оптимизам во проценките на производството, наведува HCOB.
„Деловните очекувања се подобрени изминаите месеци, главно благодарејќи на очекувањата дека каматните стапки ќе бидат намалени, а ќе попушти притисокот на животните трошоци. Меѓутоа, (менаџерите) и натаму ги загрижува зголеменото ниво на економската неизвесност, глобалните геополитички ризици и сѐ уште високот ниво на цените“, толкуваат од банката.