Економијата пред катастрофа, странските инвестиции во слободен пад

„Наместо од Владата ветените 5 проценти раст на економијата до крајот на годинава, дали едвај ќе има половина од тоа. И покрај интервенциите, својствени за еден минат систем, државата не се развива со динамиката со која што треба и како што е кај нашите соседи… Во овој период, имајќи ја предвид состојбата во економијата во Европа и во светот, многу лесно можеше, доколку некој имаше визија имаше план и стратегија, да ги стигнеме тие 5 проценти. За жал, таа работа е веќе зад нас, пропуштена е и тоа ќе го оставиме на некоја следна влада која што ќе ја предводи ВМРО-ДПМНЕ“, изјави претседателот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во врска со најновите податоци на Народната банка за висината на странските директни инвестиции, СДИ, кои се под очекувањата и најавите на Владата.

Странските директни инвестиции во третиот квартал од годинава се отприлика истите како од почетокот на годинава, што е показател дека годинава не економски план ќе заврши доста полошо од минатата. Имено во 2018 година вкупните СДИ изнесуваа 614 милиони евра, што беше еден од подобрите резултати во последните години, а за деветте месеци од оваа година директните вложувања се 169 милиони евра.

Лошите показатели главно се резултат на повратните вложувања на странските компании што работат во Македонија, во матичните компании во странство, (мајки -ќерки фирми). Па, според Народната банка, од јануари до септември годинава по овој основ од Македонија се излеале над 262 милиони евра.

Гледано по години, во 2018 СДИ беа 614 милиони евра, во 2017 само 182 милиони евра, во 2016 година изнесуваа 339 милиони евра, а во 2015 имавме 216 милиони евра странски директни инвестиции.

Мицкоски потсети дека во деветте месеци лани, СДИ изнесуваа 299 милиони евра.

„Ако ја анализирате дури и 2016-та година, што е година на политичка криза, ќе видите дека и таа година имаме повеќе во првите три квартали инвестиции од оваа година што требаше да биде година на економски бум. Анализирајќи ги годините 2014, 2015, 2016-та, значи полошо никогаш не било. Јас се чудам на кредибилитетот, се чудам на лицемерието со која им се обраќаат на граѓаните, и повторно премиерот Заев повторува нешто како да е опозиционер, а не како да е трета година премиер во државата и човек што ги влече конците. Вака ревносно да се занимаваше со економијата како што се занимаваше, да биде по втор пат амнестиран во случајот Поткуп, ние можеби и денеска ќе имавме подобри бројки. Но, за жал тој ја испушти шансата. Ги охрабрувам граѓаните дека имаме визија, план, знаеме како и допрва доаѓаат најдобрите времиња за Македонија“, рече Мицкоски.

Според досегашни изјави на владини претставници, Македонија годинава ќе доживее економски бум, затоа што од почетокот на мандатот на Владата почнале да се реализираат 20 проекти на странски компании, во и надвор од технолошко индустриските развојни зони, некои веќе почнале со работа, вработени се 1.100 луѓе, а треба да се вработат над 5000 луѓе… Вицепремиерот Кочо Анѓушев, пак, неодамна изјави дека нивото на СДИ, согласно методологијата на пресметка на Народна банка, дава некомплетна слика кога станува збор за реализација на проекти на странските инвеститори, а тоа што вкупната сума е драстично помала е поради ненаплатени побарувања и позајмици за мајките-фирми во странство.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ, многу пати критикува дека Македонија ја губи битката за привлекување на инвеститори, за разлика од соседните држави, а причина за тоа е политичката нестабилност, високата корупција и невладеењето на правото. Така, ако во вториот квартал од годинава странски директни инвестиции во државава изнесуваа вкупно 48,8 милиони евра, во исто време во Србија имало 1.7 милијарди евра инвестиции, во Словенија 561 милион евра, во Хрватска 273 милиони евра и во Бугарија 286 милиони евра.

Досегашниот период од годинава компаниите неодамна го оценија како најлош досега на економски план. Бизнис заедницата се пожали на рекордно најмалиот приход кој ќе го оствари приватниот сектор до крјот на годинава, што ќе резултира и со исто така намалени приходи во државната каса по основ на даноци. Главен проблем во 2019 – та година за стопанството било одржувањето на ликвидноста. Бизнисмените рекоа дека не очекуваат состојбата да се подобри догодина, затоа што на пролет земјава ја чека изборен период, а тоа значи замрзнување на економската активност.