„Економист“: Бунтовник во Белата куќа

„Економист“

Американските сојузници сега мора да планираат свет без водство од САД, се оценува во текстот.

Вашингтон се наоѓа насред револуција. Прекинот на Транспацифичкото партнерство, ѕидот на границата со Мекско, заладување на односите со ЕУ, нападите врз медиумите и заложбите за враќање на тортурата се само некои од потезите на новиот претседател, наведува неделникот, на чија насловна страна е илустрација на Трамп како фрла Молотов коктел.

Во политиката хаосот води до неуспех, предупредува „Економист“. Но, ветувањата од кампањата кои личеа на претерување се изгледа дел од планот и сериозен бунт чија цел е да се потресе Вашингтон и светот, се вели во текстот.

Тој бунт почна со користење бес, додава магазинот, потсетувајќи дека приврзаниците на Трамп се уверени дека тој ќе ја растера „подмолната“ елита од нивните салони во Вашингтон.

Неговите соработници Стив Бенон и Стивен Милер таа логика ја пренесоа во Владата. Секогаш кога демонстранти или медиуми истапуваат против Трамп, за нив тоа е доказ дека тој работи нешто исправно.

Трамп верува дека малите држави минуваат подобро додека САД плаќаат сметка. Сака да ја искористи својата преговарачка моќ за да добие подобар договор во одделни држави, се вели во текстот на „Економист“.

Бенон и други и стратешки ја отфрлаат американската дипломатија. Тие веруваат дека мултилатеризмот го oживува застарениот либерален интернационализам. Денешната идеолошка борба не е во одбрана на универзалните човекови права, туку за одбрана на „јудео-христијанската“ култура од други цивилизации особено од Исламот.

Доналд Трамп Економист

Гледано низ таа призма, ОН и ЕУ се пречки, а Путин во овој момент е потенцијален сојузник, наведува „Економист“, додавајќи дека никој не може да каже колку Трамп цврсто верува во сето тоа.

Можеби ќе се умори од герилска војна, може кризата ќе го сврти кон некои негови соработници, кои не се востанички луѓе.

Но, магазинот предупредува дека не треба да се смета дека тоа ќе се случи брзо и не треба да се потценува штетата што ќе се направи. Американците кои ја отфрлаат неговата политика најмногу се плашат што тој може да направи со државата. Ќе добие одредена заштита од институциите и законите.

Но, без активна американска поддршка и учество во светската глобална машинерија, соработката би можела да пропадне.

Светската трговска организација (СТО) не би залужила да го носи тоа име, а ОН би станале запуштени. Безброј договори и конвенции би биле нарушени.

Според „Економист“, прва задача е да се ограничи штетата. Умерените републиканци и американски сојузници треба да му кажат зошто Бенон и неговите соработници грешат. Нивните апетити за билатерализам се погрешни, не само заради економската штета. Трамп треба да се увери дека сојузите се најголем извор на сила, порачува „Економист“.

Ако Трамп навистина сака „Америка на прво место“, негов приоритет би требало да биде јакнење на врските, а не судири, наведува британскиот неделник.

Доколку овој свет го игнорира, американските сојузници мора да тежнеат кон зачувување на мултилатералните институции за време по Трамп, јакнење на нивните финансии и намалување на раздорот меѓу нив. Мора да планираат свет без американски водство, заклучува „Економист“.