Економскиот институт при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, денеска одбележува 70 години од своето постоење. На пригодната свеченост по повод јубилејот, Институтот ќе потпише ЕДУ партнерски договор со Даталаб МК, фирма за поддршка на компаниите во процесот на дигитална трансформација.
Од Институтот појаснуваат дека станува збор за компанија која соработува со повеќе образовни институции во регионот, овозможувајќи им пристап до модерни алатки за оперативно функционирање, а планирано е соработката на Економскиот институт со Даталаб, базирана на доделување лиценци од деловниот софтвер Pantheon ERP, да резултира со формирање на Лабораторија за дигитална трансформација.
-Даталаб и Економскиот институт, покрај тоа што ќе соработуваат во едукативни цели, ќе понудат на пазарот и комерцијални пакет услуги за деловните субјекти во земјата, користејќи ги максимално ресурсите кои им се на располагање, се наведува во соопштението на Економскиот институт – Скопје.
Како дел од свеченоста по повод 70 години од постоењето на институтот, Економскиот институт ќе додели благодарници за факултети и научни институции од земјата и од странство, како и пофалници на студентите кои во периодот 2017-2020 година магистрирале со висок просек и забележителен успех на студиските програми од втор циклус на Економскиот институт.
Од Институтот соопштија дека на свеченоста, покрај директорот на Економскиот институт, Зоран Јаневски, ќе се обрати ректорот на УКИМ, Никола Јанкуловски, а предвидено е и обраќање на министерот за образование и наука Јетон Шаќири.