Економски колапс: Секој граѓанин задолжен со нови 1.250 евра за само три години, а државата за над 2.3 милијарди евра

-Граѓаните во Македонија повторно ги преживуваат истите случувања од 90-тите години на минатиот век. Зголемена инфлација, високи цени на основни прехранбени продукти, а ниски примања. Се поголема е сиромаштијата во Македонија. Инфлацијата целосно го изеде стандардот, а власта со прст не мрдна за зголемување на куповната моќ кај населението. Единствено што знае оваа криминална власт предводена од СДСМ и ДУИ е целосен грабеж преку тендери и трошење за непродуктивни работи, регираат од ВМРО-ДПМНЕ.

Според опозицијата, затоа што нема капитални инвестиции, БДП на државата за почетокот на оваа година е најниско во регионот, а Владата реши повторно да ја задолжи државата.

„За последните две години криминалците од „Илинденска“ ја задолжија Македонија за над 1.6 милијарди евра, а со новото задолжување оваа власт ќе ги задолжи граѓаните за 2.3 милијарди евра и со тоа јавниот долг на државата ќе изнесува над 7.9 милијарди евра. Под превезот на кризите власта за само 3 години го задолжи секој граѓанин за нови 1.250 евра. Економијата во државата е целосно урнисана заради најнеспособната власт која ја имала Македонија од осамостојувањето до денес“, стои во партиското соопштение.