Економските експерти ги намалија прогнозите за раст на германскиот БДП

Советот на економски советници на германската влада значително ја намали прогнозата за раст на германската економија за оваа година и сега очекува раст од оскудни 0,2 отсто, додека во есенските прогнози прогнозираа економски раст од 0,7 отсто.

Тековните трендови во германската економија се карактеризираат со слаба севкупна побарувачка, објави германскиот совет на економски експерти. „Во моментов домаќинствата сè уште не се склони да трошат, а индустрискиот и градежниот сектор бележат само мал број нови нарачки“, рече членот на советот Мартин Вердинг.

Сепак, се очекува дека германската економија ќе добие одреден замав оваа година. Приватната потрошувачка најверојатно ќе почне да ја поддржува економијата во текот на годината, бидејќи реалните приходи веројатно значително ќе се зголемат, според експертите.

Германската влада, исто така, очекува слаб раст на бруто домашниот производ (БДП) од 0,3 отсто во 2024 година, што укажува на забавување на глобалната економија.

И според најновата прогноза на Европската комисија, најголемата европска економија годинава ќе расте побавно отколку што до неодамна предвидуваа, со стапка од само 0,1 отсто. Меѓу главните причини, тие ги наведуваат слабата странска побарувачка, забавената приватна потрошувачка и недоволните инвестиции. Неодамна Европската комисија за Германија предвиде раст од 0,3 отсто за оваа година, потсетува DPA.

Што се однесува до трендот на германската инфлација, советот на економски експерти предвидува нејзино натамошно забавување, а за оваа година предвидуваат дека инфлацијата ќе изнесува 2,4 отсто, а потоа следната година ќе забави до 2,1 отсто.

Германската економија следната година најверојатно ќе порасне за 0,9 отсто, предвидуваат владините советници во Берлин.

Тие прогнозираат дека светската трговија и глобалното индустриско производство најверојатно ќе зајакнат оваа година, што ќе биде од полза за германскиот извоз. Извозно ориентираните компании се соочуваат со тешка конкуренција, зголемување на трошоците за работна сила и постојан раст на цените на енергијата, забележуваат германските економски експерти.