Економското фијаско во 2018 година, никогаш да не се повтори!

Двете најмоќни финансиски институции, ММФ и Светска банка, ја рангираа Македонија на дното од табелата во споредба со земјите од регионот.

Со оптимистична најава за економски раст од 3,2 отсто, Министерството за финансии ја започна 2018 година.

Со уште пооптимистично ветување во програмата „План за живот“, тогашниот опозиционер Зоран Заев, прогнозираше минимум 5 отсто економски раст годишно, за време на раководењето на СДСМ со државната економска политика.

Сепак, овие бројки кои се „пријатни за уши“ освен што не се реализираа се и далеку од реалноста, а јавноста годинава честопати беше сведок на намалувања на проекциите за економскиот раст. Па, така наместо 3,2 отсто, министерот за финансии Драган Тевдовски, во октомври, ги намали очекувањата на 2,8 отсто раст, кој според најновите анализи најверојатно повтроно нема да биде достигнат.

На почетокот на 2018 година, ресорното министерство очекуваше растот да биде достигнат преку раст на вработеноста, поддршка на домашните и странски претпријатија за отворање нови работни места, намалување на невработеноста, а главен двигател на економскиот раст да биде приватната потрошувачка, но очигледно надлежните ја згрешиле математиката, бидејќи сите релевантни анкети и анализи покажуваат дека македонските граѓани не се чувствуваат побогати од порано и потрошувачка кошничка останува оскудна.

За разлика од домашните власти, светските финансиски институции економијата во Македонија не ја гледаат со розови очила.

Иако Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) најпрвин предвиде 3,2 отсто ја намали прогнозата за економскиот раст на 1,6 проценти за 2018 година. За разлика од ММФ, Светската банка, чија првична проценка исто така беше 3,2 отсто, предвидува дека Македонија годинава ќе ја заврши само со 2,3 отсто економски раст, а не влеваат голема надеж за посилна економија ниту за годините кои претстојат.

И двете најмоќни финансиски институции ја рангираа Македонија на дното од табелата во споредба со земјите од регионот, меѓу кои предничи Албанија.

Ветувањето за просечна плата од 500 евра ќе почека

Власта воедно најави голем број мерки со кои ќе се стимулира растот на просечната плата, дури и до 500 евра, но засега резултатите изостануваат.
Државниот завод за статистика соопшти дека просечна нето-плата за октомври 2018 изнесувала 408 евра, што е далеку од даденото ветување, кое наводно треба да се исполни за две години, а согласно последните показатели и моменталната економска состојба, Македонецот повторно ќе биде разочаран од ветувањата на политичарите.

Растот на просечната плата, според ДЗС, се должи единствено на зголемувањата на платите на рударите и информатичарите. Токму информатичарите ќе бидат најзасегната категорија од најновиот Закон за персонален данок на личен доход. Со законот се предвидува прогресивно оданочување, а економските аналитичари предвидуваат платите во овој сектор или да забележат пад или пак информатичарите и програмерите чарето да го бараат во странство, па оттаму можен е и пад или стагнација на просечната плата.

Министерот Тевдовски призна и дека има многу ниско ниво на буџетски приходи, од 28 проценти од БДП, што е едно од најниските во Европа. Министерството кое тој го предводи на почетокот од годинава излезе со проекција дека овој процент ќе изнесува 31,1, па сега единствена алтернатива на власта за поголем буџет е ново задолжување.

Задолжувањето беше една од главните теми во предизборна кампања на СДСМ, од каде обвинуваа дека долговите енормно растат, а народните пари се вложуваат во непродуктивни инвестиции. Очигледно власта не успеа да го исполни она што го ветуваше, бидејќи на 25-ти месецов повторно ја задолжи Македонија и тоа за нови 30 милиони евра, преку повлекување на хартии од вредност од домашниот пазар, а воедно во наредните буџетски расходи власта ќе треба да ја предвидува и најновата еврообврзница од половина милијарди евра, за која само по основ на камати ќе се исплатат 96 милиони евра. Јавниот долг продолжува да расте и за вториот квартал од 2018 година изнесуваше неверојатни 48,8% од бруто домашниот производ.

Сликата немаше да е вака црна, доколку се забележеше енормен раст на странските инвестии или пак реализација на капиталните инвестиции – полиња на кои власта повторно потфрли.

Во првата половина од 2018 година, реализацијата на капиталните инвестиции на државата изнесува 16,6% од буџетираните планирани капитални инвестиции. Логично, за разлика од претходните 3 години изминати во политичка криза, раст се бележи кај странските инвестиции кои за првата половина од годинава достигнале 327 милиони евра, но не се знае дали растот ќе биде доволен да се покријат дупките во буџетот.

Се укина радиодифузна такса, но се покачи акцизата на нафтата

Граѓаните и покрај помпезно најавуваните економски политики продолжуваат да тонат во сиромаштија. Власта го исполни ветувањето за укинување на радиодифузна такса, но друга страна го испразни ќесето преку покачувањето на акцизата за нафтата за 3 денари, што ја зголеми цената на дизелот за 3,5 денари.

2018-тата година се заокружи со поскапувањето на лебот за цели 20 отсто, односно од 15 на 18 денари, па се создава впечаток дека власта досега се уште не го става фокусот на обичниот граѓанин, кој едвај сврзува крај со крај.

Со фанфари пред насобраните симпатизери за време на изборната кампања се зборуваше за поврат на ДДВ, со што ќе легнат дополнителни 30 000 денари в паричникот на Македонецот. Премиерот Заев уште тврди дека оваа мерка ќе се оствари. Тој неодамна истакна дека проектот ќе стартува во јули наредната година, но она што остана непотенцирано е дека станува збор за експериментален проект во три општини, за кој не може да потврди кога ќе се реализира во реалност.

Оваа година, која на економски план не би сакале да ни се повтори, за жал започна со најавите за економски раст од 3,2 отсто и ветувањето дека ќе биде економска година. Она што загрижува е дека така стартува и 2019. Премиерот Заев нагласи дека со најновиот Буџет е предвиден раст од 3,2 отсто проценти и дека, секако, 2019 ќе биде економска година.

На обичниот граѓанин му преостанува да не му се случи дежа ву, односно државата да тоне во сиромаштија, како и дека џебот ќе биде доволно длабок да се покријат тековните сметки и ратите за кредит.