Екс еврокомесар пред вратите на Шутка: Власта не му дозволила средба со Орце Камчев

На денот кога во Скопје пристигнува еврокомесарот за проширување а Европската комисија порачува дека основните човекови права на притворените мора да се почитуваат за да се влезе во ЕУ во затворот во Шуто Оризари не можел да влезе поранешен еврокомесар кој сакал да ги види лично условите во контроверзните ќелии каде што според многу критериуми се држат и политички затвореници, објави Експрес.

Поранешниот Еврокомесар и специјален пратеник за човекови права Јан Фигел денеска според извори во судот и затворскиот менаџмент не можел да влезе во КПУ Скопје откако побарал дозвола за посета на ќелијата на бизнисменот Јордан Камчев.

Засега нема официјална информација зошто пред вратите на КПУ Скопје утрово остана поранешниот еврокомесар и специјален пратеник за промоција на слобода на религијата, верувањата и човековите права надвор од Европската Унија, Јан Фигел, кој за време на неговата посета на Република Македонија побарал дозвола, со уредно испратено барање до Кривичниот Суд да го посети бизнисменот Јордан Камчев во притвор поради тоа што директно бил запознаен со случајот кој според него отвора многу прашања за владеење на правото и правдата во Македонија.

Според добро упатени извори во случајот екс еврокомесарот бил одбиен без конкретно образложение, со конфузен одговор на неговото барање од страна на судијата Илија Трпков и со нејасни објаснувања од страна на одговорните лица пред вратите на КПУ Скопје.

Фигел, заедно со адвокатот на Камчев, Тони Менкиноски не добиле образложение зошто неговото барање за посета е одбиено и зошто, како што вели тој во неговата изјава, постои пинг-понг меѓу Институциите во државата.

Одбивањето на неговото барање директно да се сретне со Камчев, како и да ги види условите под кои се реализира предистражниот притвор тука во КПУ Скопје, отвораат сомневање не само за правосудниот систем во земјата туку и сомневање дека постои друга политичка причина поради која што му е забранетата посетата и средбата со Камчев.

Поранешниот еврокомесар и специјален пратеник за човекови права Јан Фигел го доставил своето барање откако бил запознаен со случајот и утврдил дека постои сомневање дека Камчев незаконски се држи во притвор, постои пристрасност од страна на Судот и Обвинителите, постојат незаконски докази во случајот како и поради Извештајот на Народниот правобранител во кој се утврдува нехуман, деградирачки третман и тортура врз Камчев во почетокот на неговиот веќе седуммесечен притвор.

Јан Фигел во своето искуство вбројува и директна влученост и работење на случаи со политички затвореници во Иран, Куба, Судан и Пакистан.