Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј-Охрид ексклузивно ги изложи најновите археолошки откритија во Охридско-Струшкиот Регион. Овој голем научноистражувачки успех не само што фрла нови светла на археолошката историја на нашата земја туку и претставува значаен придонес во европското и светското археолошко наследство.
Археолошките истражувања се дел од проектот „Систематски археолошки истражувања на архајската некропола Корошишта“ на Археолошкиот музеј, кои се одвиваат на локалитетот Расница во атарот на с. Корошишта, Струшко. Сѐ започнало во 2020 година, кога Шефит Шемшедини при извршување земјоделски работи во атарот на с. Корошишта, Струшко, открил бронзен шлем, кој потоа го предал во Заводот и музеј во Охрид.
Археологот Перо Арџанлиев, раководител на истражувањата, информира дека во 2023 година тимот од Археолошкиот музеј во Скопје добива согласност од сопственикот на нивата Букури Шемшедини за вршење археолошки истражувања.
– Во рамките на гробната целина се откриени бронзен шлем; златни прстени, килибарни и стаклени перли; златни фолии со различни форми и декорација; сребрени игли; бронзен сад за вино; сребрен кантарос; бронзени чинии и друго, кои подоцна ќе бидат конзервирани и претставени пред јавноста. Овие наоди не само што се од посебно значење за научниот и културниот аспект на истражувањата туку тие ја дополнуваат и сликата за нашето познавање за културно-историските и општествени состојби во овој регион – рече Арџанлиев.