Екслузивно ФОТО| Маскирани лица инволвирани во двојното убиство во Скопје

Министерството за внатрешни работи потврди дека во понеделникот вечерта се случило двојно убиство во Скопје, официјално, две лица се усмртени, а едно е повредено во пукањето кај Кале.

Според екслузивните информации на НетПрес, убиството го сториле четворица маскирани напаѓачи вооружени со автоматски пушки.

„Во 20.11 часот во СВР Скопје пријавено е дека во угостителски објект во Скопје неколку лица пукале кон Ј. К. и Е. И., кои починале на лице место, и кон А.Т., кој е пренесен во болница за укажување лекарска помош“, соопштија од МВР.

Како што дознава НетПрес, во локалот „Шиша бар“ влегле четири маскирани лица со фантомки на главите во црни униформи со автоматски пушки и се претставиле како полиција која врши рација, по што се упатиле кон една од канцелариите во локалот, а откако влегле во просторијата веднаш почнале да пукаат.

Четворицата на местото на злосторството се довезле со возило марка „Ауди А6′  влегле во локалот, се претставиле како полиција, се качиле на вториот кат од објектот и влегле во мониторинг салата каде стрелале кон неколку лица. Според неофицијалните информации, седум лица се ранети покрај двете жртви, дознава НетПрес.

По пукањето осомничените со „Аудито А6“ се упатиле кон скопската населба Шутка каде на улица „Вашингтонска“ го запалиле автомобилот. Возилото имало фалсфивикувана регистарска табличка со број „SK8870BC“.

Сомнежите на МВР, според полициски извори на НетПрес, се дека извршителите на делото кое наликува на класична егзекуција во пресметките во подземјето, се од соседно Косово.

Престрелката се случила, наводно поради претходно нерасчистени сметки. Убиството се случило малку пред 21 часот. Според првичните информации, убиените се добро познати на криминалното подземје.

Едниот од убиените, кака што пренесуваат медиумите повикувајќи се на очевидци, е извесен Јетон Кривањева познат како Жила.