На конференцијата ќе учествуваат меѓународни експерти од Норвешка, Северна Ирска и Турција, а целта е да се зајакнат компетенциите на наставниот кадар во интегрираното образование преку користење долгогодишни странски искуства и знаења.
Најавено е присуство на наставници и професори од основни и средни училишта кои се дел од двегодишната обука за интегрирано образование, а обраќање ќе има и заменик министерот за образование и наука Сафет Незири.
Конференцијата ќе има значајна улога во процесот на сензибилизирање различни образовни профили за потребата и придобивките на концептот за интегрирано образование како глобален тренд, тенденција и потреба. Ја организира Нансен дијалог центарот (НДЦ) како дел од програмата за основно и напредно ниво на обука за интегрирано образование.
На конференцијата ќе се доделат сертификати за учесниците кои успешно го завршија напредното ниво на обука при Тренинг центарот на НДЦ Скопје.