Експерти за криминалистички вештачења почнаа со утврдување на причините за пожарот во судот во Куманово

-Почна увидот во Основниот суд Куманово, кој треба да ги покаже причините за пожарот што избувна завчера. Увидот ќе го спроведува основен јавен обвинител од Скопје, ќе присуствувам и јас и дежурен обвинител од Куманово, увидна екипа од СВР Куманово заедно со кримтехнiка од Скопје, вешто лице електроинженер и инспектор за пожари. По завршување на увидот ќе ја информираме јавноста, изјави шефицата на кумановското обвинителство Теута Бедиу Рамадани.

Претседателката на Основен суд Куманово, Снежана Манев кажа дека очекува увидот да ја покаже причината за пожарот.

-По завршување на увидот, ќе започне уредувањето на подрумските простории. Дотогаш итните случаи ќе се решаваат во Кривичен суд Скопје кои по насоки на Судскиот совет и Министерство за правда, изјави Манев.

Пред два дена изгоре архивата на судот во Куманово откако пожар избил во подрумските простории. Од Регионалниот центар за управување со кризи (РЦУК) соопштија дека пожарот избувнал по 1 часот по полноќ пред два дена.

-ТППЕ Куманово бележи интервенција во текот на ноќта на опожарени простории на зградата на Основен Суд Куманово во 1.35 часот. Опожарен е подрумскиот дел на зградата каде се наоѓа архивата на судот. Единицата во текот на ноќта делуваше со два камиони и седум пожарникари. Пожарот е локализиран, екипата е уште е на терен – соопшти РЦУК.