Експертите за човекови права на ОН ја осудија репресијата во Саудиска Арабија

Стручњаците за човекови права при Обединетите нации ја повикаа во вторникот Саудиска Арабија да стави крај на репресијата и да ослободи десетици лица кои се притворени од септември затоа што мирно ги изразувале своите граѓански и политички права.

Повеќе од 60 искусни клерици, писатели, новинари, академици и активисти се притворени во бранот апсења започнат во септември, се наведува во заедничкото соопштение на пет независни експерти на светската организација.

Меѓународните невладини организации за човекови права Amnesty International и Human Rights Watch тоа го осудија како пресметка на саудиските власти со неистомислениците, но силна критика од ОН на сметка на официјален Ријад досега беше ретка појава.

Саудиска Арабија засега не реагираше на ова прозивање. Ријад тврди дека нема политички затвореници во земјата, меѓутоа високи функционери велат дека контролата врз активистите е неопходна поради стабилноста на општеството.

„Сведоци сме на прогонот на борците за човекови права кои мирно ги изразуваат своите права на слободата на изразувањето, собирањето, здружувањето и уверувањата, и одмазда поради нивната работа“, се наведува во соопштението на стручњаците на ОН. Тие, исто така, го осудуваат „загрижувачкиот образец на раширени системски произвол и апсења и притворања“ со примена на законите кои се однесуваат на борбата против тероризмот и државната безбедност.

Меѓу притворените се истакнатиот исламски проповедник Салман ал-Авдах, кого стручњаците на ОН го опишуваат како „реформатор“ и уште една влијателна верска фигура која повикува на поголемо почитување на човековите права во рамките на шеријатскиот закон. Во затвор се, исто така, завршија и академикот и писател Абдулах ал-Малики, претприемачот Есам ал-Замел, како и Абдулазис ал-Шубаили и Иса бин Хамид ал-Хамид од забранетото саудиско Здружение за граѓански и политички права.

Експертите на ОН во своето соопштение не го споменуваат бранот апсења во ноември кога беа притворени околу 200 принца, министри и бизнисмени, поради тоа како што тврди владата на новопрогласениот престолонаследник принцот Мухамед бин Салман, поради корупција. Некои во меѓувреме се ослободени откако постигнаа финансиски договори со владата со кои платија огромни суми.