Експлозија покрај автобусот на фудбалерите на Борусија Дортмунд, повреден еден фудбалер

Еден фубалер на Борусија Дортмунд е повреден вечерва при експлозија што се случила во непосредна близина на автобусот на овој германски фудбалски клуб, кој тргнувал кон стадионот „Вестфален“ каде тимот треба да ја одигра четвртфиналната средба во фудбалската Лига на шампионите против францускиот клуб Монако.

На налогот на социјалната мрежа Твитер, клубот го потврди инцидентот, додавајќи дека при експлозијата е повреден играчот Марк Бартра, кој е пренесен во болница. Дефанзивецот на Борусија се здобил со полесни повреди по лицето и раката од парчињата стакло од искршените прозорци на автобусот, по што веднаш е пренесен во болница.

– Нашиот автубус се се соочи со инцидент при поаѓањето кон стадионот. Едно лице е повредено. Следуваат повеќе информации, се вели во објавата на клубот.

Како што јави дописникот на МИА од Берлин, инцидентот се случил на 10 километри од стадионот во Дортмунд.

Според клубот експлозивна направа била детонирана во непосредна близина на предниот дел од автобусот. Непотврдени информации на локалните медиуми велат дека Бартра не е во критична состојба.

Поради експлозијата натпреврарот меѓу Борусија Дортмунд и Монако е одложен и презакажан за утре со почеток од 18 часот и 45 минути.