Ел Каби му го донесе на Олимпијакос првиот европски трофеј

Фудбалерите на грчки Олимпијакос станаа победници на Конференциската лига победувајќи ја италијанска Фиорентина со 1:0 по продолжение во финалето на ова натпреварување одиграно во средата вечерта на стадионот на АЕК во Атина. Голот за првиот европски трофеј на еден грчки тим го постигна мароканскиот напаѓач Ајуб Ел Кааби во 116. минута.

Тоа беше прво финале во кое било европско клупско натпреварување за Олимпијакос, додека Фиорентина го претрпе петтиот пораз во своето шесто финале и втор по ред во Конференциската лига, со оглед на тоа што „Виолите“ лани стигнаа и до финалето на најмладото натпреварување на УЕФА. но во тој натпревар беа победени од лондонски Вест Хем Јунајтед.

Основните 90 минути не беа особено возбудливи и богати со шанси. Грчкиот тим прв се закани во 4. минута, кога Даниел Поденсе по една соло-акција шутираше од работ на шеснаесетникот, но голманот на Фиорентина, Пјетро Терачиано, со одлична реакција го спречи погодокот.

Фиорентина успеа да постигне гол во 9. минута, но оправдано беше поништен поради офсајд позиција. Никола Миленковиќ ја испрати топката во мрежата, но беше чекор понапред од последниот дефанзивец на Олимпијакос.

„Виолите“ повторно се заканија во 21. минута. Џакомо Бонавентура беше во одлична позиција, во центарот на шеснаесетникот, но неговиот удар беше слаб, па голманот на тимот од Пиреја, Константинос Цолакис, лесно ја собра топката.

Во 25. минута Поденсе повторно го покажа квалитетот на својот удар. Тој се обиде директно од корнер да ја испрати топката во мрежата, но Терачиано не беше изненаден.

Во вториот дел најдобрата шанса ја имаше Фиорентина во 69. минута. Изиграна беше одбраната на Олимпијакос, а Кристијан Куаме остана сам пред голот. Сепак, неговиот удар беше млак, па Цолакис успеа да спаси и да ја зачува својата мрежа.

Олимпијакос најблиску до гол се најде во 80. минута. По центаршутот од слободен удар Висенте Ибора беше највисок во скокот, но со глава ја упати топката покрај стативата.

Во првиот дел од продолженијата беше забележлив пад во играта на италијанскиот тим. Грците за малку ќе успеаја да го искористат тоа во 96. минута. Стеван Јоветиќ одлично се снајде на работ од шеснаесетникот, упати удар кон левиот долен агол од голот на Фиорентина, но Терачиано одлично одбрани.

Фиорентина направи потег што ветуваше во 110. минута, но последниот удар на Џонатан Иконе од шеснаесетникот не беше доволно силен, па Цолакис лесно впиша уште една одбрана.

Кога се чинеше дека освојувачт на пехарот ќе го решат ударите од 11 метри, Олимпијакос постигна гол за трофејот, а Ајуб Ел Кааби стана херој на тимот од Пиреја. Мароканецот одлично се снајде пред еден од дефанзивците на Фиорентина и со глава ја испрати топката во мрежата. Сепак, славјето беше прекинато со проверка на ситуацијата во ВАР-собата, за да дојде до нов делириум кај навивачите на грчкиот тим при потврдувањето на голот.

Тренерот на Олимпијакос Хозе Луис Мендилибар го освои вториот европски трофеј за една година. Тој минатата година ја предводеше Севиља до уште една титула во Лига Европа, а по заминувањето од Андалусија во Пиреја, го предводеше Олимпијакос до првиот триумф во европските натпреварувања. Грците со овој трофеј заработија и билет за групната фаза од Лигата на Европа за следната сезона.

Од друга страна, тренерот на Фиорентина, Винченцо Италијано се прости од клубот со нов тесен пораз во финалето на Конференциската лига.