Електрани на Македонија од гигант, денес е со 18 милиони евра долг

Оваа здружена владејачка структура успеа да уништи и да искраде сѐ од Електрани на Македонија. Електрани на Македонија од независноста на државата до 2017-та година беше најголемото државно претпријатие, гигант кое што секоја година и секој месец остваруваше добивки, кажа пратеникот од ГРОМ коалициски партнер на ВМРО-ДПМНЕ, Љупчо Пренџов на денешната собраниска седница.

– Ова претпријатие го земавте со повеќе од 25 милиони евра суфицит пари, тоа значи дека сите обврски биле подмирени и оставени биле 25 милиони евра на салдото. Денес ова претпријатие се соочува со повеќе од 18 милиони евра дефицит, односно 18 милиони евра долг иако државата исплати повеќе од 170 милиони евра пари од буџетот, со цел истото да функционира, истакна тој.

– И на ова недомаќинско работење му нема крај. Денес наместо директорот и владата да соопштат во собранието и до јавноста дека имаме инвестиција од 25 милиони евра за фотоволтаици државна сопственост, вие доаѓате овде и барате кредит за тоа да се направи. 25 милиони евра барате кредит кои што ги имавте како суфицит кога дојдовте на власт. И најголем пораз за Електрани на Македонија е токму оваа бројка која што ја земаме за кредит, додаде Пренџов.

Пренџов нагласи дека владата на СДСМ за само 100 дена има објавено тендери од 200 милиони евра и тоа за фирми блиски до Заеви во четири очи, укажувајќи дека тоа е недозволиво.

Пренџов истакна дека не може владата да земе кредит од 25 милиони евра а да плаќа за консултантски услуги за фотоволтаици за 750.000 евра, прашувајќи ги од владата дали имаат срам и до кога ќе го крадат народот.

– Не може цената кога ќе вложиш 25 милиони евра да биде 125 денари, туку треба да биде 75 денари. Имате ли усул и до кога ќе го ограбувате овој народ. Нели ви е срам. На 25 милиони евра кредит, 750.000 евра консултантски услуги…. посочи Пренџов.