Директорот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), Марко Бислимовски потврди во вторникот вечерта дека сѐ уште не е утврдена новата цена на струјата, која ќе стапи на сила по Нова година.
„Определбата на цената на електричната енергија не е лицитација, ниту желботека, туку се врши врз основана правилници и методологии кои што ги имаат донесено РКЕ и се применуваат. Цената ќе ја определиме врз основа на податоци доставени од компаниите. Ќе ги разгледаме и ќе донесеме одлука“, рече Бислимовски во гостувањето на емисијата „Топ тема“.
Првиот човек на РКЕ во настапот на Телма телевизија, исто така, информираше дека пристигнало првото барање од компаниите за зголемување на струјата.
„Електродистрибуција бара зголемување на цената на струјата од 100 отсто“, рече Бислимовски, во, како што ја најави, „ексклузивна информација“.
Додаде дека до крајот на седмицата барања ќе достават МЕПСО и ЕВН Хоум.
Појасни дека примено е првото барање за цената на електричната енергија доставено од страна на ЕВН дистрибуција. Согласно нивното барање, пред сѐ, поради зголемени трошоци за набавка на загуби за електрична енергија, се предвидува во 2022 година цената да биде 220 евра за мегават-час, за споредба со цената од изминатата година од 56 евра, значи бараат зголемување на цената за дистрибуција на електрична енергија од 100 проценти, истакна Бислимовски.
Во текот на гостувањето на ТВ Телма, во емисијата „Топ тема“, наведе дека вкупните трошоци за набавка на загуби на електрична енергија, не се финансиски загуби, туку е техничка работа – од точка А до точка Б да пристигне електричната енергија има загуби на електрична енергија, во оваа 2022 година тоа што го предвидуваат е зголемени трошоци од 134 милиони евра.
„И имаат презентирано дополнителни трошоци заради дебаланси во системот што е вообичаена работа од шест милиони евра, односно вкупно зголемените трошоци на Електродистрибуција, само за набавка на електрична енергија за покривање на загуби и за дебаланси се 140 милиони евра. Сите останати трошоци не бараат никаква промена, впрочем не ни имаат право, само врз основа на елементи кои што ниту можеле да ги предвидат, коишто не зависат од нивното работење, имаат зголемени трошоци од 140 милиони евра“, рече Бислимовски.
Директорот на РКЕ посочи дека во текот на утрешниот ден очекувааат барање и од ЕВН Хоум, имајќи предвид дека заврши тендерот за набавка на електрична енергија, на кој се јави ЕСМ, а до крајот на оваа недела се очекува и барање од МЕПСО за пренос на електрична енергија.
Нагласи дека е јасно оти до 31-ви декември ќе нема рестрикции и промена на цената на електричната енергија од една едноставна причина, бидејќи определувањето на цената на електричната енергија „не е лицитација, не е желботека“, туку се врши врз основа на правилници и методологии.
Претходо во вторникот беше објавено дека АД ЕСМ доставиле понуда до Универзалниот снабдувач со електрична енергија ЕВН Хоум за задоволување на 100 отсто од планираните потреби за тарифните потрошувачи за првата половина на наредната година. Понудата што ја достави на петтиот тендер на ЕВН Хоум изнесува 41 евро за мегават час електрична енергија и е за 13,6 отсто повисока од понудата за периодот јули-декември 2021 година.
Во однос на ЕСМ, Бислимовски кажа дека прво нешто што треба да направи е да го зголеми своето производство на електрична енергија.
„Некаде потребите на малите потрошувачи, домакинствата ќе бидат околу три ипол гигават часови во 2022 и јас верувам дека ЕСМ е способен со своите сопствени ресурси да го обезбеди ова производство“, истакна директорот на РКЕ.
Се осврна и на ситуацијата со ТЕЦ Неготино, која според најавите, треба веќе во средата повторно да започне со работа.
„Дополнително кон ова ТЕЦ Неготино се најавува дека ќе почне со работа и има дополнителни количини на електрична енергија кои ЕСМ ќе може да ги продава и на слободниот пазар на електрична енергија по цена далеку повисока од оваа од 41 евро, бидејќи производната цела на ТЕЦ Неготино е некаде околу 160 евра за мегават-час, но е далеку пониска од она што е во моментов на светските берзи. Значи ЕСМ ќе може и да заработи, но и да помогне на целокупната македонска економија. Менаџментот на компанијата во 2022 година треба да знае дека ќе има предизвици, но во овие предизвици има и шанса компанијата да ја одржи на здрави нозе, се разбира доколку произведе колку што се очекува и колку што реално би можел да произведе и доколку овие вишоци од ТЕЦ Неготино ги продава на слободниот пазар на електрична енергија по пониски цени“, потенцираше Бислимовски.
Информираше и дека ТЕЦ Неготино е признаен за трошок и оти на годишно ниво не чини околу три милиона евра.
„Ние прво треба да го одржиме ликвиден целиот енергетски сектор. Ние можеме да донесеме одлука и цената на електричната енергија, како што кажуваат некои таканаречени експерти, да ја зголемиме за 50 проценти. Факт е дека процентот на наплата ќе се намали. Екстремно зголемување на цената на електричната енергија не е решение, туку напротив уште повеќе ќе направи дополнителни проблеми“, оцени Бислимовски.
Околу цената на парното посочи дека прво се очекува цената на природниот гас за потоа да се одреди цената на парното, но потенцираше дека нема да дозволат ценовни шокови во однос на цената на топлиснката енергија.
„Факт е дека цената на гасот е најсериозниот проблем заради којшто настани и кризата за електрична енергија и до крајот на годината имавме стабилна цена бидејќи од претходно биле закупени количини. Верувам дека цената што ќе ја обезбеди Макпетрол ќе биде далеку поразумна од тие што беа на берзите низ Европа. Таа цена која што ќе ја обезбеди Макпетрол како трговец со природен гас, по тоа цена понатаму ќе ги определуваме и цената за парно. Да почекаме да видиме каква ќе биде цената за природен гас, која што за крајната цена на парното влијае 70 проценти, има сериозно влијание. Врз основа на таа цена што ќе ја имаме ќе излеземе со конкретни мерки и со конкретни предлози како да се реши таа ситуација. Доколку се качи многу цената на парното ќе почнат луѓето да се исклучуваат и да се приклучуваат на електрична енергија што уште повеќе ќе ја влоши ситуацијата со електричната енергија. Тек тогаш можеме да имаме сериозни проблеми особено во испади во Скопје. Нема да дозволиме ценовни шокови во однос на цената на парното“, заклучи Бислимовски.