Електронски подземен катастар за источна Македонија

Единаесет општини од источна Македонија од септември планираат заеднички да ги прават електронските подземни катастри.

Директорката на Центарот за развој на источно планскиот регион, Драгица Здравева вели дека по завршувањето на првата фаза од проектот „Географски информационен систем“, кој се реализира преку Секретаријатот за европски прашања и Владата на Словенија, општините од источниот регион ќе бараат 60 проценти од средствата да бидат грант за избраотка на подземниот катастер, а останатите 40 проценти да ги обезбедат од сопствените буџети.

„Тоа е она што согласно законот, државниот катастер ќе го бара од општините во текот на 2016, 2017 година, кое е веќе одредено со закон, сите општини имат електронски подземен катастер. Ние сега тоа сакаме да го направиме заеднички на ниво на источно плански регион“, појаснува Здравева.

За изработка на подземниот катастер 11-те општини треба да инвестираат околу 523 илјади евра. Здравева истакна дека градоначалниците од истокот се единствени за овој проект. Секоја општина согласно законската регулатива мора да има подземен катастер, кој ќе им помогне на инвеститорите, но и на јавните и државни претпријатија при санација на дефекти или поставување нови инсталациони мрежи.