ЈП Службен весник на РМ, во доменот на своето работење внесува уште една значајна новина, која претставува стандардизиран електронски канал за примање на правните акти, кои треба да се објавуваат во „Службен весник на РМ“.
Со ова како што соопштуваат од претпријатието, ќе има можност за прекин на седумдецениската комуникација во хартиена верзија.
Овој електронски систем е изведен како http web сервис и по однапред дефиниран протокол за размена на податоци ќе биде експониран кон сите вклучени институции, кои доставуваат текстови за објавување во службеното гласило „Службен весник на РМ“.
Новата апликација, на сите правни лица кои вршат објавување на акти во „Службен весник на РМ“, ќе им овозможи поврзување и размена на податоци со информациониот систем на ЈП Службен весник на РМ, на ниво на веб портал со предефинирана структура на мета податоци. Тоа значи постојан увид во листата на пратени документи, листа на чекање за објава, преглед на објавени акти, хронолошки увид во сите верзии и нивна историја, прецизна нотификација за објавени, како и можност за корекција на документи и одобрување за објавување. Новиот систем за работење на ЈП Службен весник на РМ ќе овозможи автоматско проследување на документите до ситемот за автоматско подготвување на изданието „Службен весник на РМ“, со целосна интеграција на функционалноста на двата система и со висок степен на безбедност.
Во прво време, тоа ќе подразбира поставување на директна електронска траса со самостојни институции, регулаторни тела и агенции, а во втората фаза со Владата на Република Македонија и Собранието на Република Македонија.
ЈП Службен весник на РМ, со воведување на овој проект, продолжува да ги урива бастионите кои постоеле во комуникацијата со институциите и да воспоставува непосредна и директна електронска комуникација.
Новиот систем, во понатамошното секојдневно работење на ЈП Службен весник на РМ, ќе претставува добра подлога за да отпочне процесот за напуштање на досегашната пракса, која опфаќа достава на материјалите во хартиена форма.