ЕЛЕМ: СДСМ манипулира со податоците за производството и увозот на електрична енергија

СДСМ се обидува да ја манипулира јавноста со тези и податоци за производството на електрична енергија, конзумот и увозот кои немаат врска со реалноста, заради ситни дневнополитички поени и ги извртуваат информациите искажани на денешната прес-конференција на АД ЕЛЕМ за електро-енергетските состојби во Македонија во екстремни временски услови, стои во реакцијата на АД ЕЛЕМ на соопштението на СДСМ.

Според компанијата, неосновани се обвинувањата од СДСМ дека АД ЕЛЕМ кажал оти цената на набавената електрична енергија за потребите на тарифните потрошувачи изнесува 40 евра за мегаватчас.

– Напротив, на денешната прес конференција, АД ЕЛЕМ детално информираше по која цена е набавената електрична енергија, периодот за кој е набавена, како и за постапката која е спроведена согласно сите востановени пазарни правила, утврдени од Регулаторната комисија за енергетика. Впрочем, цените, количините и периодот за набавка уште во текот на вчерашниот ден транспарентно се објавени на веб страната на АД ЕЛЕМ.

Потсетуваат дека со Одлука на менаџментот на АД ЕЛЕМ во ноември и декември минатата година, не само што немало увоз, туку била реализирана продажба на вишоци на електрична енергија по повисоки цени, а со додадената вредност што била остварена се набавува електрична енергија во период со екстремни временски услови кога и побарувачката и потрошувачката на електрична енергија во Европа е на највисоко ниво.

– Повторуваме дека станува збор за набавка на електрична енергија по поволна цена, со оглед на фактот што поради екстремните временски услови и проблемите со производните капацитети со кои се соочуваат многу земји од Југоисточна Европа, други енергетски системи во регионот набавуваат електрична енергија и по цени од 100 евра за мегаватчас, се наведува во соопштението.

Воедно, се нагласува дека не станува збор за интервентен увоз, туку за набавка спроведена согласно сите правила и процедури донесени од Регулаторната комисија за енергетика.

Исто така, се отфрла и тезата на СДСМ дека јавноста не била информирана за исклучувањето на ТЕ Битола 3 од електроенергетскиот систем и се наведувајќи дека АД ЕЛЕМ информирал во детали оти станува збор за техничко-технолошки настан, кој е својствен за четиридецениското постоење на РЕК Битола, а не за дефект од поголеми размери.

Ова, е, се посочува, прв застој на ТЕ Битола 3 по речиси половина година со оглед дека овој капацитет во континуитет испорачува електрична енергија од август минатата година, појаснуваат од АД ЕЛЕМ и информираат дека се прават напори до крајот на денот, блокот да биде целосно оспособен и до раните утрински часови да биде синхронизиран во електроенергетскиот систем.