АД Електрани на Македонија (АД ЕЛЕМ) се вклучи во акцијата за расчистување на последиците во скопскиот регион предизвикани од силното невреме што изминатиот викенд го зафати Скопје и регионот.
Како што соопштуваат, над 110 доброволци – вработени во поголемиот дел од подружниците на Компанијата со соодветна опрема се испратени во погодените подрачја и се ставени на располагање на подрачните координативни тела. Во согласност со можностите, компанијата обезбеди еден камион, две помали теренски возила, два дизел агрегата и две пумпи за собирање вода.
Во текот на вчерашниот ден и денеска АД ЕЛЕМ донираше над 20.000 литри пакувана вода, два тони конзервирана храна и два тони средства за хигиена, средства за дезинфекција и пелени.