Снабдувањето со електрична енергија се одвива континуирано и во согласност со потребите. Во изминатите 24 часа е забележана зголемена потрошувачка на струја за над 30 проценти во однос на вообичаеното за овој период, информира денеска АД ЕЛЕМ.
Оттаму се посочува дека целосно е одговорено на потребите на потрошувачите со оптимизација на домашните производни капацитети, и преку набавка на електрична енергија.
За потрошувачите на регулираниот пазар се испорачани 21,459 Мwh од кои 17,859 Мwh или 83 проценти се обезбедени од домашните електроенергетски капацитети на АД ЕЛЕМ, а 3.600 Мwh , односно 17 проценти се набавени од увоз. За првите 11 дена од годинава, домашното производство е натфрлено за 8,39 проценти во однос на планираното во енергетскиот биланс, појаснува АД ЕЛЕМ.
За денеска, како што информира АД ЕЛЕМ, не е предвидена дополнителна набавка на електрична енергија, а целосните потреби на потрошувачите на регулираниот пазар се обезбедени преку производство од домашните електроенергетски капацитети.
Потрошувачката на електрична енергија постојано се следи и производството од домашните капацитети се адаптира во согласност со потребите на регулираниот пазар. Со оглед на најавите од АД ЕВН дека и претстојните денови се очекува и до 30 проценти поголема потрошувачка во однос на вообичаената за тој период, согласно распишаниот јавен оглас на АД ЕЛЕМ од 10 јануари за периодот од 14 до 22 јануари, во текот на вчерашниот ден е извршена набавка на вкупно 22, 824 Мwh по просечна цена од 79,38 евра за мегаватчас. Оваа цена е постигната при редовна постапка со негативна аукција, велат од АД ЕЛЕМ.
Набавката на електрична енергија што се врши во овој период во услови на рекордна потрошувачка и екстремно ниски температури нема да влијае врз цената на струјата за домаќинствата и за малото стопанство, потенцира АД ЕЛЕМ.