Американската министер за финансии Џенет Јелен во понеделникот рече дека изненадувачкиот договор за намалување на производството на нафта, претходно договорен од групацијата OPEC+, е „неконструктивен чин“ што ќе му наштети на глобалниот раст и ќе ги оптоварува потрошувачите во време на висока инфлација.
„Мислам дека тоа е потег на OPEC вреден за жалење. Мислам дека тоа е многу неконструктивен чин во овој момент кога е важно да се обидеме да ги одржуваме цените на енергијата ниски“, рече Јелен за новинарите, додавајќи дека е премногу рано да се процени ефектот од овој потег врз цените.
Јелен истакна дека падот на цените на бензинот од минатогодишните највисоки нивоа помогна да се запре инфлацијата и дека би било штетно да се смени трендот.
Референтните цени на нафтата скокнаа во понеделникот во 18 часот, еден ден откако земјите од Органиацијата на земјите извознички на нафта (OPEC) и нивнтие сојузници големи независни производители предводени од Русија (OPEC+) ги потресе пазарите со договорпт за дополнително намалување на производството на нафтата на дневно ниво, што предизвика страв од намалување на понудата.
„Јасно е дека тоа не е позитивно за глобалниот раст. Со тоа се зголемуваат неизвесноста и оптоварувањата во време кога инфлацијата е веќе висока“, додаде Јелен.
Американскиот претседател Џо Бајден ја минимизираше важноста на споменатата одлука во понеделникот.
„Нема да биде толку лошо како што мислите“, им рече Бајден на новинарите додека се качуваше во претседателскиот авион „Air Force One“ во Минеаполис пред враќањето во Вашингтон по обиколката на фабрика.
На прашањето какво влијание би имало намалувањето на производството на нафта на OPEC+ врз плафонот од 60 долари за барел наметнат од западните влади на руската сурова нафта, Јелен рече дека не гледа дека тоа има значително влијание врз соодветното ниво на плафонот.
„Гледам дека тоа функционира“, истакна таа, додавајќи дека тоа доведе до длабоки попусти на руската нафта и зголемена преговарачка моќ за купувачите.
Сепак, западните влади би можеле да го разгледаат нивото на горната граница, доколку е потребно, што сега не е случај, додаде американската министерка за финансии.