ЕМА одлучува за одобрување на уште четири вакцини против ковид-19

Европската агенција за лекови ќе одлучи дали уште четири вакцини против ковид-19, меѓу кои и кинески и руски вакцини, треба да се препорачаат за одобрување во Европа до крајот на годината.

За време на брифингот со новинарите од седиштето на агенцијата во Амстердам, службениците на ЕМА рекоа дека чекаат дополнителни податоци за руската вакцина Спутник V и кинеската вакцина Синовак пред регулаторот да продолжи со прегледувањето на нивните лекови.

Д-р Марко Кавалери, шеф на одделот за стратегија за вакцини на Европската агенција, рече дека регулаторот ги добил клиничките податоци од германската биотехнолошка фирма Кјурвак и американскиот производител на лекови Новавакс, кои ќе ги прегледуваат наредниве недели. Службениците на Агенцијата планираат да разговараат за подготовките со двете компании „во наредните недели“.

Претходно оваа година, компанијата Кјурвак објави дека нејзината вакцина е помалку од 50 проценти ефикасна, додека Новавакс изјави дека нивниот препарат е околу 90 проценти ефикасен. Новавакс рече дека ќе побара одобрување за употреба прво во земјите во развој и дека нема да се насочи кон пазарите на ЕУ или САД.

Кавалери рече дека разговорите со кинеските и руските производители на вакцини се „конструктивни“, но потребни се повеќе податоци.

Кавалери рече дека ЕМА очекува наскоро да добие податоци од производителите на лекови за ефикасноста на вакцините против ковид-19 кај деца помлади од 12 години. Тој истакна дека Соединетите Држави забележале „масовно зголемување на хоспитализациите поради делта-сојот, што влијае главно на адолесцентите, кои не се вакцинирани“.