Ембаргото на Европската унија на руската нафта многу сериозно ќе ги погоди германските компании, предупреди во средата Здружението на германските индустриски и трговски комори (DIHK), барајќи заштита од политиката.
Иако побарувачката на нафта би можела да се покрие од други извори, растот на цените го засилува притисокот врз компаниите, изјави претседателот на DIHK, Петер Адриан.
„Работењето ќе биде уште помалку профитабилно, во прв ред за секторите коишто трошат многу енергенси и за логистичките компании“, додаде Адриан.
Дополнителните трошоци не можат целосно да се пренесат на купувачите, а „во екстремни случаи, компаниите поради трошоците ќе бидат присилени да стават клуч во бравите“, заклучува директорот на DIHK.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, го претстави во средата планот за постепено исклучување од европскиот пазар на руската нафта во следните шест месеци. Увозот на руските нафтени деривати би требало да биде целосно запрен до крајот на годината.
Челникот на германските индустриски и трговски комори ги повика политичарите да ги заштитат германските компании од последиците на таквата одлука.